Во супер-интересното Дерби дела Мадонина меѓу големите милански ривали, Милан славеше со 3:2 над екипата на Интер и покажа зошто е бранител на Скудетото оваа сезона. Иако „нероаѕурите“ први поведoа, „росонерите“ се вратија моќно и успеаја да направат недостижна предност од два гола разлика.
Брозовиќ во манир на голем стрелец го отвори резултатот во 21. минута за водство на Интер од 1:0. Радоста на гостите траеше кратко, затоа што со својот прв гол по асистенција на Тонали, Рафаел Леао во 28. минута израмни на 1:1.
По паузата продолжи одличното дерби, со висок интензитет и одличен фудбал. Иако Интер беше тој кој притискаше, Милан дојде до прв гол и целосен пресврт. Најпрвин Жиру погоди на асистенција на Рафаел Леао за 2:1, а потоа следуваше ново шоуто на Леао. Португалецот мина тројца играчи и во 60. Минута погоди за 3:1.
Резервистот кај Интер, Един Џеко ги врати надежите на гостите со голот во 67. Минута за 3:2, но до крајот Интер не успеа да изедначи.