МЗТ Скопје денеска (16 часот) го игра првиот домашен натпревар во рамките на АБА-лига. Во СЦ „Јане Сандански“ гостува Партизан, предводен од искусниот стратег Жељко Обрадовиќ.
Актуелниот македонски првак зад себе го има поразот од Црвена Звезда на гости, додека пак противникот ја совлада Цибона. Партизан во Скопје доаѓа по гостувањето и поразот во Евролига во Берлин.
„Ја продолжуваме серијата патувања, секако со голема почит кон тимот на МЗТ. Знаеме дека натпреварот, како и сите во оваа лига, ќе биде тежок. Сигурно ќе имаат голема желба да одиграат многу добро на првиот натпревар пред своите навивачи. Она што треба да го направиме е да излеземе максимално концентрирано и да одиграме на потребното ниво за победа“, изјави Жељко Обрадовиќ.
Црно-белите во саботата од Берлин пристигнаа во Белград, а ден подоцна заминаа за Скопје.
„Тоа го зборуваа поискусните играчи и тренери. Ритамот на Евролигата е немилосрден. МЗТ е тим кој влезе од втората и првата АБА лига, имавме состанок и тренинг на кој се обидовме да ги поправиме грешките што ги направивме против Алба и да се подготвиме што е можно подобро за натпреварот во Скопје“, изјави Урош Трифуновиќ.










