По неуспехот на Сп во Катар, селекцијата на Шпанија го смени Луис Енрике со Луис де ла Фуенте. Тој денеска и официјално беше претставен како нов шпански селектор, а тој рече дека вратата на националниот тим е отворена за сите и дека од денес почнува „нова ера“ на шпанскиот фудбал.
„Денес почнува нова ера во шпанскиот фудбал. Имаме формирана идеа, а на почеток, вратата е отворена за сите играчи. Ми требше една секунда да ја прифатам понудата и да кажам дека сакам да бидам селектор на Шпанија“, рече Де ла Фуенте.
За тоа дали ќе ги врати Рамос, Давид Де Геа во тимот тој одговори:
„Нема да влегувам во расправија за Рамос или било кој друг играч. Бускетс? Секако дека би сакал тој да продолжи да игра, а јас искрено не сакам да бидеме нација со 48 милиони фудбалски тренери, туку 48 милиони фудбалски навивачи. Мораме да бидеме отворени за сите опции и да напредуваме. На СП видовме и некои добри работи, меѓутоа мораме да се прилагодиме“, изјави новиот селектор на „фуријата“.
За тоа дали користи социјални мрежи и дали трпи критики по секој неуспех на тимот, тој одговори:
„Не користам социјални мрежи. Ќе се обраќам само преку прес-конференции. Јавно, сите да чујат. Нема да ви дозволам да ме напаѓате на социјалните мрежи како што тоа му го правевте на Енрике“, додаде тренерот.
Луис де ла Фуенте е поранешен играч на Атлетик Билбао и на Севиља. Тој беше селектор на У21 тимот на Шпанија од 2018 година кога го замени Алберт Селадес, а една година подоцна го освои младинското ЕП.










