Пишува: Зоран Ѓоршоски
Се разбира дека не може да поминат новогодишните празници без интервју за „Спортмедиа“ на најдобриот тренер во есенскиот дел во ПМФЛ Срѓан Захариевски. И не само нашиот портал, туку и сите останати кои се занимаваат со мак – фудбалот, стратегот на Струга Трим Лум го прогласија за најдобар и тоа поради успесите, испишувањето на клупската историја. Рекордните осум од осум на стартот во есенскиот дел.
Захариевски е екс-репрезентативец на Македонија, како фудбалер имаше импресивна кариера, за тие што заборавиле тој беше дел и од Штутгарт пред 23 години, а играше и за Силекс, Вардар, Металург, Тетекс, играше и во Португалија и Кипар. Сега е најпознат како тренер на Струга ТЛ со која ја освои есенска круна. Со клубот кој на фудбалската мапа во Македонија постои само 7-8 години. Сите успеси на стружани се врзани со популарниот Срле кој еве веќе три години во градот покрај Охридското езеро.

-Во повеќе наврати од Струга ТЛ, како раководството, спонзорот и играчите велат дека се горди што ве имаат вас за тренер?
“Им благодарам за убавите зборови, но еве и јас да `вратам`. Секако дека и јас сум горд што сум дел од овој проект на Струга ТЛ, на познатата компанија Трим Лум. Искрено вистинско уживање е да си тренер на овој клуб. Тука сум три години. Тоа за еден тренер е долг период. Значи убаво ми е, значи заедно работиме добри работи и дека сега засега добро ни оди. Се надевам дека така ќе биде и во иднина“ посочува Захариевски.
-Струга ТЛ со есенската круна испиша клупска историја. Има ли сила и амбиции кај вас во клубот напролет да останете први и на крај да го освоите шампионскиот пехар?
„Пред да започне сезоната никој од нашиот клуб не даде изјава дека одиме по титула. Искрено за некои тие рекордни стартни осум од осум беа изненадување, можеби и за мене. Но кога се работи професионално, кога сите коцки во клубот се наместени како што треба, кога имаш добар тим тогаш се е можно. По тие осум од осум кај нас пораснаа амбиците, тоа е јасно, но сепак ние сме реални. Секогаш напролет е потешко, и немојте да заборавите на Шкупи и една Шкендија, а тука се во битката за оние места кои водат во Европа и Тиквеш и Силекс. Струга ТЛ не ветува титула, но ветува голема борба, на секој меч ќе одиме на победа, и ако успееме тогаш тоа ќе биде прекрасно. Тоа да се оствари секако дека ќе треба и адекватно да се засилиме“.

-Пред две недели еден од вашите играчи за „Спортмедиа“ изјави дека Струга ТЛ наликува на клуб како да е од Скандинавија а не од Македонија?
„Па, да. Така е. Навистина спонзорот и раководството на клубот се трудат и успеваат во тоа, на играчите да им се овозможи се што треба, а тие само да играат и да мислат како да го дадат максимумот, и на мечевите и на тренинзите. Овој успех што го направивме оваа есен секако дека не падна од небо. Сите за тоа сме заслужни, од првиот човек на клубот Арбтрим Ќира и семејството Ќира како спонзор, потоа канцеларијата на клубот на чело со Бесарт Исаку, моите соработници, секако најмногу играчите а тука се и оној придружен дел на тимот, на клубот. Кога ќе се има една ваква организација тогаш се е полесно“.
-Каде Захариевски се гледа во иднина како тренер, селектор можеби?
“Видете, не сум јас човек кој сака да планира нешто за во иднина. Познато е дека нас тренерите на едно место не држат успесите. Така е тоа во светот на фудбалот, тука нема дилеми. Не можам да кажам каде се гледам, засега сум во Струга ТЛ, амбициите ми се врзани за успесите на овој клуб, не знам навистина што носи иднината“.
-Како играч и репрезентативец сте имале повеќе тренери и селектори. Имате ли идол што се вели, дали „украдовте“ некои тренерски „цаки“ од нив низ фудбалската кариера па тоа сега го применувате во Струга ТЛ а претходно во Пелистер, Металург и Тетекс каде што бевте тренер?
“Многу познати тренери сум имал, но не би можел да кажам дека некој ми е идол или дека некого сакам да копирам, не. Сепак мора да го споменам познатиот Ралф Рангник кој ми беше тренер во Штутгарт. Навистина ме импресионираше од неговата желба да бара од играчите максимум, да бара дисциплина на секој тренинг, на секој меч. Тоа ми остави најголем впечаток. Тоа е таа `германска школа`. Од него научив што значи таа фудбалска дисциплина. И јас се обидувам да наметнам таков стил во мојата работа како тренер. Колку во тоа успевам нека кажат играчите или моите соработници“.

-Веќе влеговме во новата 2023 година. Кои се вашите желби и што ќе им порачате на читателите на „Спортмедиа“?
“На професионален план со Струга ТЛ сакам да го оствариме максимумот сезонава, да излеземе повторно во Европа најмалку. На приватен план, како и за сите така и за мене, оваа 2023 година да биде успешна и среќна а на вашите читатели и на сите во Македонија им посакувам само убави работи да им се случуваат. Да следат повеќе фудбал, многу радост и успеси на секое поле“ заврши Захариевски.















