Тениските фанови со нетрпение го чекаат стартот на новата тениска сезона. Таа практично тргнува со првите денови на новата 2023 година, со првите силни турнири во Австралија во исчекување на почетокот на првиот Грен Слем турнир, Австралија Опен, кој оваа година ќе почне на 16 јануари. Додека чекаме тенисерите да фатат залет, еве ги најважните моменти по кои ќе остане запаметена тениската – 2022!
Роџер Федерер и Серена Вилијамс се родени со разлика од еден месец и имаат изградено легендарни кариери кои го редефинираа концептот на долговечност во спортот, но оваа година и двајцата во рок од три недели решија да му кажат збогум на тенисот. И двете пензионирања беа совршени на свои начини. Откако последен пат ја покажа својата големина на УС Опен, расплаканата Вилијамс ја заврши својата кариера со почит кон нејзината најголема ривалка, нејзината сестра, Венус. Додека Федерер беше физички компромитиран поради неговите хронични проблеми со коленото, тој го одигра својот последен меч опкружен со пријателите како Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј на Лејвер купот. Глетката на Надал како плаче покрај него по последната топка, точно покажа што Роџер значи за светскиот тенис.
Во првите денови од новата година, пак, Новак Ѓоковиќ реши да објави слика на која се качува во авион додека тврдеше дека обезбедил „дозвола“ да лета за Австралија и да се натпреварува на Австралија опен. По неколкунеделни шпекулации за неговиот статус во Австралија поради одбивањето вакцинација против Ковид, тој беше депортиран. Неговата депортација, дефинитивно стана веројатно најголемата приказна во сите светски вести.
Руската инвазија на Украина доведе до еден од најзначајните спорови во отворената ера на Вимблдон. Одлуката на организаторите на Вимблдон да им забрани на руските и белоруските играчи настап на турнирот, поддржана од владата на Британското кралство, беше тежок удар за спортот. На Русија и Белорусија им беше забрането да учествуваат во екипните натпревари, но на играчите во сингл им беше дозволено да се натпреваруваат како неутрални спортисти. И двете тениски организаии ја сметаа одлуката на Вимблдон за јасно прекршување на договорот, веднаш казнувајќи ја со изземање од бодовниот систем за рангирањата на АТП и ВТА листите. На крајот организаторите платија и дебели казни.
Ига Свјатек, пак, годинава е вистински хит кај дамите. Таа заврши извонредна серија на успеси во 2022 година со нејзината победа на УС Опен. По пензионирањето на Барти, се чинеше разумно да се претпостави дека ќе следи анархија на рангирањето бидејќи останатите најдобри женски играчи се навикнаа на живот без доминантна сила. Наместо тоа, Ига Свјатек ја почувствува својата можност и стана едно од најневеројатните откритија во поновата историја, искачувајќи се на бр. 1 позицијата на ВТА листата.
Свјатек победи на 37 натпревари по ред во текот на зимата и пролетта, затворајќи ја серијата со победата на нејзиното второ учество на Отворено првенство на Франција. Потоа се опорави за да го освои УС Опен , и покрај тоа што претходно кажа дека ги мрази полесните топки што се користат на женскиот турнир во Флешинг Медоус.










