Изминатата 2022 година и покрај сите убави спортски настани, како СП во Катар, секако дека ќе ја паметиме и по лошо. Имено многу познати спортисти, од кои голем дел во пензија, си заминаа во вечноста.
Секако дека во преден план е смртта на Едсон Арантес до Насцименто Пеле, или “Кралот“. На 82 години во последните денови од годината почина според многумина најголемиот фудбалер во историјата кој со Бразил беше трипати светски првак, во 1958, 1962 и во 1970. Цел свет уште го оплакува Пеле, а посебно во неговиот Бразил. Пеле беше победник, но не можеше да ја победи тешката болест со која се мачеше во последните денови од својот живот.
Веста дека Синиша Михајловиќ веќе не е со нас беше навистина шокантна. Големата фудбалска и тренерска ѕвезда од овие простори, навистина остави голем впечаток додека беше жив, како во неговата Србија така и на овие простори и секако во Италија.
Си замина и Ивица Осим, последниот селектор на екс – СФРЈ, легендата на Жељо, големо фудбалско име на овие простори.
Се простивме и од Кирил Дојчиновски, едно од нашите најголеми фудбалски имиња, некогашна ѕвезда на Вардар и Ц. Звезда, поранешен репрезентативец на екс – СФРЈ. Исто така и некогашен познат и признат тренер.
Од оние во Македонија се простивме и од познатиот Бранислав Белески – Будла, познатиот физиотерапевт на Вардар, вистинска легенда.
Потоа од ракометните тренери Лефтер Бошковски, Андон Бошковски, Славе Атанасовски – Чаве, потоа од спортските работници Ѓорѓи Кузмановски, Милош Вучидолов, како и од фудбалерот Ѓорѓе Џонов кој имаше само 30 години.
Светот ги загуби и иконата на Бостон Селтикс, Бил Расел, легендата на Реал Мадрид, Фрациско Генто, Маурицио Зампарини познатиот газда на Палермо, менаџерот Мино Раило, легендарниот ракометен тренер Бенгт Јохансон, Уве Зелер, газдата на Ред Бул Дитрих Матешиц, тенискиот тренерски маг Ник Болитиери и уште многу други.
Од овие простори се простивме и од Петар Сканси, Зоран Сретеновиќ, Милутин Шошкиќ, Миодраг Јешиќ, Небојша Вучичевиќ.
На крај да ја споменеме и трагедијата со младиот ракометар од Хрватска и член на Бутел, Денис Тот, кој беше убиен во Скопје.










