Стручен коментар – Ристо Магдинчев: Норвешка да ја „заборавиме“, сите мисли да ги насочиме кон Холандија и Аргентина!

946

По традиција Македонија и овој јануари ќе настапи на едно големо натпреварување, на СП во Полска и Шведска. Нашата ракометна селекција е веќе во Краков, каде утре го играме првиот меч од групата -Ф, и тоа против Норвешка. Потоа следуваат мечевите со Холандија и Аргентина. Сами да ја правевме жедрепката немаше да добиеме потешка група, но ова нека биде предизвик за “новата“ Македонија предводена од нашата спортска икона – Кире Лазаров, да одговори на предизвиците.

Исто така по традиција и овојпат Ристо Магдинчев ќе биде наш стручен коментатор. За читателите на „Спортмедиа“ еден од нашите најистакнати ракометни стратези, аналитичари, ракометни “фаци“ што се вели ќе ги коментира настаните на СП, ќе ја имаме таа можност да се“дружиме“ со него.

За почеток како вовед на СП во Полска и Шведска (11 – 29 јануари) Магдинчев дава своја анализа за тоа што можеме да очекуваме од Македонија на овој Мундијал, за тоа што треба а што не треба да се прави, како и за тоа од кого може да се очекува да дојде до завршницата.

Тргнуваме, а вие уживајте во Мундијалот, во игрите на нашите момци.

Време е за ракомет.

Најважно е што континуитетот е задржан. Уште еден јануари ќе ја гледаме, следиме и навиваме за нашата ракометна репрезентација на едно големо натпреварување. Овојпат на СП во Полска и Шведска. Е, сега, верувам дека и сите во нашата селекција, како и во јавноста, да тоа го прескокнеме дека играме на ЕП и СП, и да одиме и на резултат. Овој Мундијал треба да биде одговор на се она што е работено, врз база на тоа да се направи и резултат, да одиме еден чекор напред. Иако првата цел е остварена, Македонија е на СП“ вели Магдинчев за почеток.

Сите ние сакаме победи, сакаме успеси, сакаме висок пласман, сепак треба да се биде реален, а според нашиот стручен коментатор успех или добар резултат ќе биде…

За мене добар резултат е пласман во следната фаза, да ја минеме оваа група-Ф, и да се пласираме во наредната фаза. Тоа го можеме и со една победа. А се знае дека играме со Норвешка, Холандија и Аргентина, по овој редослед.

Нема потреба сега да се споредуваме со Норвешка или непотребно да се оптоваруваме со оваа репрезентација. Да, се е можно, на СП има изненадувања, но да не си создаваме непотребен притисок. Јасно е дека ќе играме со Норвешка, но да не се `трошиме` непотребно со оглед на тоа дека не чекаат дуели со Холандија и Аргентина. Е на тие две средби треба да биде насочена нашата концентрација. Тука ја гледам нашата шанса за макар една победа во групата. Не дека овие две селекции се слаби, напротив, но сепак не се Норвешка. На тие две средби треба да ја насочиме нашата моќ, нашата тактика, нашето внимание. Холандија и Аргентина не се толку поквалитетни од нас. Едноставно треба да бидеме мудри и паметни. Значи да ја `заборавиме` Норвешка, а во мислите да ни бидат само Холандија и Аргентина“.

ПРОБЛЕМ СЕ ПОВРЕДИТЕ НА ТАЛЕСКИ И МИТРЕВСКИ

Не е тајна дека селекторот Кире Лазаров, како што истакна вчера на пресот, има проблем со повредите на Талески и Митревски.

Искрено не знам од каков вид се повредите на Талески и Митревски. Но сепак јасно ни е на сите дека ако мораме без нив двајцата, тогаш нашите шанси за пласман за следната фаза се минимални, мораме да биде реални. И двајцата се клучни ракометари во тимот. Важно е тие двајца да бидат целосно фит за Холандија и Норвешка, Норвешка како што кажав треба да се заборави“.

Во последно време евидентно е дека Македонија под водство на Лазаров игра, или се обидува да игра модерен и брз ракомет.

Веќе години наназад трендот на ракометот како спорт е брзина, транзиција, брзо завршување на нападите, ефикасноста. Се усовршува транзицијата, брзиот центар. Ние го прифативме овој тренд. Ми се допаѓа тоа што селекторот оди кон таа цел, и мислам дека е во ред. Така и треба да биде. Сега, јасно е дека ќе има и грешки. Да се пребродат тие грешки. Прашање е дали сме ние физички спремни за таков стил на игра на едно турнирско натпреварување каде секој втор ден ќе имаме натпревар. Тоа ќе видиме. Ако правиме споредба со Холандија и Аргентина, треба да се каже дека речиси сите нивни играчи играат во најсилните лиги во светот. Ние имаме само двајца, Митревски во Порто и Кузмановски во Хановер кој има се помала минутажа. Останатите се од нашата лига. Е сега дали таа наша лига ги спрема своите играчи да можат да одговорат на обврските и стилот на игра кои го негува селекторот, тоа ќе видиме по наредниот период, па и на ова СП“.

Талески, Кузмановски, Митревски, Манасков се нашите клучни играчи, може ли некој од помладите да избие во преден план, и тоа ќе го видиме на овој Мундијал.

Оваа селекција е спој на младост и доволно искусни. Еве да го земеме првиот тим…Митревски, Манасков, Талески, Кузмановски, Серафимов, Георгиевски, Пешевски. Овој тим е просечно возрасен од 28 години. Значи има доволно искуство, и на нив се придодаваат овие помладиве. Не може веќе нешто да чекаме. Мора поискусните да ги `влечат` помладите, и мора сите да го дадат својот максимум. И кога ќе има ротации, мора да се одговори на истото ниво, да нема резултатски падови. Да се држи темпото во тие 60 минути. Време е некој друг, кој досега не е споменат, да се етаблира, да скокне што се вели. На пример тука мислам на браќата Атанасијевиќ, Серафимов, Јагуриновски…

Без ризик нема резултат. Тоа мора сите да го знаат“.

Според Магдинчев мора Талески и Кузмановски да бидат првите “виолини“ во составот на нашата ракометна селекција.

Сега Кире го нема на терен, и тоа веќе е така една година. Сега мора останатите, пред се Талески, Кузмановски…да ја преземаат одговорноста и да ги решаваат проблемите на теренот, тука се и Манасков, Митревски, Георгиевски…. Мене ми се допаѓаат последните изјави на Талески кој вели дека мора тие да ја понесат одговорноста, нема веќе чекање на Кире. Кога сме кај Талески мене ми се допаѓа што сега и јавноста го прифаќа Талески како наш клучен играч, како ракометар од кого може многу да се очекува. За мене Талески никогаш не беше спорен, само требаше време и коцките да се наместат за да го искаже сиот свој потенцијал. Што се однесува за Кузмановски тој мора да најде клуб каде што ќе игра, според мене ретко кој во Холандија и Аргентина ги има квалитетите на Кузмановски, кај него проблемот е што има мала минутажа во својот клуб. Тие двајца се наши носители, нашите први `виолини`.

ШТО Е ИЗНЕНАДУВАЊЕ, КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА МАКЕДОНИЈА

Желбата да се биде најмалку трет во групата -Ф се знае, но може ли Македонија до нешто повеќе, до сензација.

По мене ако ја минеме групата – Ф нема да биде изненадување, нема да биде сензација. Да, тешка е групата, но Холандија и Аргентина не се толку поквалитетни од нас. Успех ќе биде да се пласираме понатаму како што реков, но нема да биде сензација или изненадување. Нивната предност е што нивните играчи играат и се стандардни во посериозно клубови. Е сега тоа може да се преброди со добра тактика, желба, мотивација, секако малку среќа, се е можно. За понатаму нешто повеќе сега не би сакал да говорам, ниту пак можам“,

По подолго време оваа репрезентација на СП оди без резултатски притисок.Ја нема таа резултатска еуфорија.

Кај нас порано беше пред да почне првенството да започне еуфоријата, се прават добри резултати и кога ќе дојдат лошите резултати почнува негативната енергија. Тоа треба да се заборави. Мора со факти да се размислува, анализира, кај сме, што сме. И да се остави селекторот и ракометарите во една мирна атмосфера да се подготвуваат за наредниот меч. Значи да не бидеме премногу еуфорични по победите или премногу негативни по поразите. Сепак мора да сфатиме дека во моментов не сме велесила, ние сме тим кој допрва треба да се докажува и да дава резултати“.

СЕТА ПОДДРШКА ЗА СЕЛЕКТОРОТ

Лазаров по вторпат ќе ја води Македонија на едно големо натпреварување.

И кога беше назначен Кире Лазаров јас веднаш реков дека тој мора да добие четиригодишен мандат. Да не се `чепка` после секој настап, добар или лош. Мора да му се даде целосна поддршка. Не може селектор да направи резултат за една година. Тоа е апсурд. Да се остави Лазаров во тие четири години како што тој мисли да работи, па дури тогаш ќе видиме каде сме. А во тој период да се дава целосна поддршка“.

Шведска според Магдинчев е најголем фаворит за златото.

По мене фаворит бр.1 е Шведска. Имаат се што треба, квалитет и искуство, а играат и дома. Секако Данска како актуелен светски првак не смееме да ја заборавиме, тука е Франција која има има проблем на голманската позиција. Предолго го држеа Омејер, а не најдоа адекватна замена за него. Тука е и Шпанија. Во вториот ешалон на фаворити се Норвешка, Германија и Хрватска. Според мене тука е и Исланд, феноменална репрезентација. Имаат бековска линија можеби најдобра од сите. Исланд би можел да се бори дури и за медал“ заклучи нашиот стручен коментатор со желба и надеж дека Македонија ќе има добар настап на СП.

ПретходноИнсиње: Одбив неколку понуди од Серија А, причината е љубовта кон еден клуб
СледноДенеска на СП: Шведска против Бразил, ќе ги видиме и Словенија, Ц. Гора…