Утре од 15 часот се закажани двете полуфиналиња од Купот на Македонија. Во Струга домашниот состав на Струга ТЛ се среаќава со Силекс, а под Шара екипата на Шкендија ја дочекува Македонија ЃП.
Капитенот на лидерот во ПМФЛ, Буњамин Шабани во пресрет на утрешниот дуел со кратовци, за “Спортмедиа“ истакна:
“Посакувам конечно од трета, што се вели, да се пласираме во големото финале. Да ја имаме таа трета среќа. Тоа за нас, за Струга ТЛ ќе биде уште еден историски успех. Секако дека нема да биде лесно, Силекс е одличен тим, ќе ни биде тешко, овие мечеви во Купот се специфични, но се надевам дека ќе успееме. Ние не криеме дека сакаме пласман во големото финале“ вели Шабани.
И капитенот, но и сите во Струга ТЛ добро знаат со каков ривал утре ќе си имаа работа.
“Реков веќе, Силекс со своите резултати сезонава докажа дека е со право во полуфиналето. Штом е тука, значи поседува квалитет. Ние тоа и тоа како добро го знаеме. Сепак играме дома, пред нашите фанови, максимално сме мотивирани, знаеме дека е потребно да се даде максимумот. Лично верувам во овој наш тим дека ќе успее да слави утре“ заврши Шабани.










