Македонија денеска против Италија ќе го има „стариот“ Никола Ѓорѓиев. Капитенот ќе излезе на теренот во Бари 100% фит, со голема желба и мотив денеска да покажеме која е Македонија на европската одбојкарска карта. Повредата која го спречи да настапи против Холандија, а и против Чешка му задаваше големи проблеми, денеска треба да биде надмината.
„Повредата е санирана. Малку ме закачува, но со последните третмани и таблети, сигурен сум дека ќе биде добро и нема да има никакви проблеми“, ни потврди Ѓорѓиев.

Како и секогаш оптимист и мотиватор, нашиот смечер знае дека против Италија ќе биде пеколно тешко, но вели дека мора да се бориме за секој поен, затоа што сега во нокаут-фазата секој освоен поен е важен за одредување на конечниот пласман.
„Што се однесува до натпреварот, ќе се удриме гради в гради. Искрено, немам реална престава колку се силни. Знаеме дека се работи за светски и европски шампион. Лани ја победија Полска во финале, а ако Полска нас не победи со 3:0, веројатно и тие се на тоа ниво. За мене најважно е да излеземе машки. Останува да видиме дали тоа ќе биде доволно, дали за 15 поени, за 20, или доволно за сет, два, па и победа. Сонуваме, живееме, се бориме. Сонот го остваривме со влезот во осминафиналето. Сега секој поен е плус. За конечниот распоред битно е колку сетови и поени ќе освоиме. Ќе се трудиме што поскапо да си ја продадеме кожата и се што е наше да си земеме. Да искористиме секаква шанса и се надевам дека ќе успееме. Што подобар сет и поен-количник значи подобар пласман. Сакаме да бидеме погоре од 16. место. Сепак, прво и основно е да тргнеме машки, па ќе бидиме колку тоа ќе биде доволно“, порачува Ѓорѓиев.
Македонија од 18 часот во Бари против европскиот и светски шампион Италија ќе излезе во осминафиналето на ЕП 2023 со желба да потврдиме дека не случајно сме дел од европскиот одбојкарски крем.










