Шпанецот Алекс Маркез втор пат сезоната победи во спринт трките во Мото ГП. Утринава тој триумфираше на патеката „Сепанг“ во Малезија. Победата на возачот на Грезини Дукати дојде благодарение на фантастичното темпо, кое тој го наложи, а претендентите за титулата Франческо Банања и Хорхе Мартин не можеа да го следат.
Маркез тргна од четвртото место и уште по првата кривина успеа да го помине второпласираниот Мартин. Уште на стартот „Мартинаторот“ загуби позиција и од Енеа Бастианини, а во тие моменти на чело беше Банаја.
Прогресот на Маркез продолжи и во вториот круг кога беше побрз од Бастианини во борба за второто место.
На крајот од вториот круг, Маркез се обиде со многу оптимистички напад на Банаја во последната кривина, но премногу го отвори свиокот, што не само што му овозможи на шампионот да го врати водството, туку и му даде шанса на Мартин да нападне. Сепак, Маркез беше многу агресивен во одбраната и ја задржа втората позиција, а потоа релативно брзо повторно се израмни со Банаја.
Следеа неколку круга во кои двајцата се движеа како залепени еден до друг, пред на крајот од петтиот круг Банаја да направи мала грешка во последниот свиок. Таа грешка му овозможи на Маркез да го притисне во шестиот круг, а решавачкиот напад дојде во деветтиот свиок, кога Банаја немаше како да се одбрани.
Откако го презеде водството, Маркез успеа да се одлепи од Мартин и да победи со предност од 1,5 секунди пред возачот на Прамак Дукати. Банаја заврши на третото место, губејќи два бода од Мартин во борбата за титулата. Така, пред утрешната главна трка во Сепанг, водството на светскиот шампион е 11 бода.










