Со пораз на гостувањето кај Ленс од 2:1, екипата на Севиља остана без место во Европа во вториот дел од сезоната. ПСВ и Арсенал ремизираа во неважен натпревар со 1:1.
Севиља со евентуална победа во Ленс имаше можност да стигне до третото место и да остане во Лигата на Европа, но Андалузијците дозволија домашните први да поведат со голот од пенал на Франковски и потоа беше тешко да се вратат во ритам.
На 15 минути пред крајот на мечот, пенал доби и Севиља. Одговорноста ја презеде Серхио Рамос, но голманот на Самба ја прочита неговата намера и одбрани, по што следуваше проверка на ВАР од која беше утврдено дека голманот на Ленс предвреме ја напуштил гол линијата, па пеналот беше повторен. Од вториот обид Рамос успеа да погоди за 1:1.
Во последните минути Севиља тргна во тотална офанзива, а во судиското надополнување Фулџини излезе сам пред Дмитровиќ и погоди во подалечниот агол за конечни 2:1.
Арсенал реши да одмори неколку клучни играчи за мечот со ПСВ, но и покрај тоа гостите поведоа во 42. минута кога Нкетиа ја искористи асистенцијата на Нелсон за 0:1. ПСВ израмни во 50. минута со голот на Вертесен.










