Фудбалерите на Ливерпул и Манчестер Јунајтед одиграа без голови на „Енфилд“ во големото дерби на 17. коло од англиската Премиер лига.
Иако домашните беа голем фаворит во пресрет на овој дуел, делумно поради нивната многу подобра форма, делумно и поради фактот што Јунајтед беше десеткуван со многуте отсуства, на крајот Ерик тен Хаг и неговите момци одлично се одбранија и заминуваат со голем бод од ова тешко гостување.
Ливерпул ја пропушти можноста да се врати на врвот на табелата и сега со Астон Вила го дели второто место со 38 бодови, додека Арсенал е лидер со бод повеќе.
Во последните 20 минути од средбата Ливерпул тргна во целосна офанзива, но ниту една од мешаниците во и пред шеснаесетникот на Онана не донесе гол. Ливерпул имаше неколку зрели шанси, а најубавата ја пропушти Трент, кога биеше само неколку сантиметри крај голот на гостите.