Македонската женска ракометна репрезентација не успеа да приреди изненадување на гостувањето кај силната Шпанија, но затоа пак одигра многу подобар меч од Скопје. „Црвено-жолтите“ беа совладани со 24-20, ова беше втор пораз, кој не промени ништо околу шансите за пласман за ЕП 2024 година.
Македонија остана на второто место на табелата со четири бода, два повеќе од директните конкуренти Литванија и Азербејџан.
По мечот во Шпанија, селекторот Кристијан Грчевски беше задоволен.
„Импресиите се позитивни, за разлика од првиот меч со Шпанија овојпат поправивме многу сегменти во играта, како во одбраната така и во нападот. Покажавме една компактност во одбраната што особено ме радува, нашата цврста дефанзива пресуди за овој резултат денеска. Девојките се бореа и видоа дека можеме да играме со секого, се испочитува она што бевме договорени и јас како селектор можам да бидам презадоволен поради тоа. Самодовербата кај нашите ракометарки е на едно пониско ниво, но по оваа партија увидоа дека можат да се надигруваат со секој противник. Јас им кажав дека сме навистина на еден добар пат, да направиме многу повеќе од ова сега, се надевам дека ќе продолжиме вака, во следната ЕХФ седмица да го завериме пласманот на европскиот шампионат“, изјави Грчевски.










