Мети верува во успех во Лигата на Нации!

204

Денеска во хотелот “Хилтон“ во Скопје се одржува редовно Генерално Собрание на ФФМ. Како што е вообичаено, свој говор одржа и претседателот на Фудбалската фецерација на Македонија, Муамед Сејдини.

Тој се осврна на повеќе точки од работата на федерацијата, а јасно кажа дека верува во успех на нашата репрезентација во Лигата на Нации.

Почитувани делегати на собранието на Фудбалската федерација на Македонија, почитувани претставници на УЕФА и ФИФА, драги пријатели и соработници, почитувани претставници на медиумите,

Ова за нас, како раководство на Фудбалската федерација на Македонија не е нов почеток, но веројатно е еден од најкомплексните периоди од работата во федерацијата. Одново да им помогнеме на другите да ја видат Фудбалската федерација на Македонија на начин на кој што ја гледаме ние. Модерна и прогресивна.

Се сметам за посветена личност, а односот кон сите обврски во изминатата година даваат се оцена и приказ за мојата работа, но и работата на целата федерација.

Сметам дека многу работи во нашата Фудбалска федерација функционираат доста добро, но знам дека има и работи што можеме да ги подобриме. Секако, за јавноста успехот на најдобрата репрезентација е мерило за успех и на федерацијата, но тоа сепак не е единствената обврска за нас. Затоа целта е да бидеме успешни и во другите сегменти за кои ФФМ треба да се грижи, да посветува време и внимание, да обезбедува и распределува средства и се разбира во активностите и проектите  да бидат вклучени сите фудбалски региони во државата.

Развојот на инфраструктуата треба да се шири и надвор од Скопје. Токму затоа инвестираме во терени со вештачка трева во Дојран, Илинден, Липково и Тетово, со изградба на соблекувални во Илинден, Липково, Драчево, Свети Николе, Кравари, Велес, Демир Капија, Добридол и Куманово и со реновирање и реконструкции во Кичево и Кочани и со терени со природна трева во Куманово и Радовиш.

Сите ние во фудбалот сме долги години и на сите нас ни е јасно дека само резултатот може да ги донесе навивачите на стадион. Успехот на терен го зголемува интересот и го враќа угледот на репрезентацијата. Заслужни за тоа се фудбалерите и стручниот штаб. Наша обврска е да им ги обезбедиме сите услови и сигурен сум дека е така. Но, наше е и да се стремиме кон добри резултати, посебно во Лига на нации во група во која објективно сме фаворити. Убеден сум дека истото го мислат и селекторот и стручниот штаб во А селекцијата.

Во рамки на федерацијата, знаете и сите вие, стремежот е секој оддел да има своја автономија. Почнувајќи од натпреварувачката комисија, младинските сектори или Комисијата за женски фудбал, па се до Судиската организација. Тоа значи и поголема одговорност за сите нив. Сите тие сметам дека професионално ја вршат својата работа и поради тоа  Федерацијата е  брана за сите евентуални удари кон нив.

Она на што особено сум горд…се пријателствата и контактите што ги имаме во Европа и Светот. Имаме исклучителен однос со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и со останати влијателни луѓе од УЕФА и ФИФА. Тие знаат дека во ФФМ имаат сигурен партнер за сите идни проекти. Тоа е од взаемна корист. Во година во која одбележуваме три децении од членството во УЕФА, не можевме ниту да сонуваме подобар однос со Европската фудбалска асоцијација.

Тука сме и со кренати глави стоиме пред вас претставувајќи го извештајот за постигнатите резултати согласно планираното. Работиме со континуитет и ќе продолжиме да инвестираме пред се во инфраструктурата. Лигата е интересна и неизвесна, а вложувањата во младинскиот и женскиот фудбал се најголеми во историјата. Извештајот што го имате пред вас најдобро го покажува обемот на активности и проекти на Фубдалската федерација на Македонија.

Од се срце им благодарам на сите вработени во ФФМ, на Вас, делегатите на Собранието и членовите на Управниот одбор, на клубовите, тренерите, фудбалерите, судиите и целиот фудбалски персонал за придонесот во развојот на македонскиот фудбал. За мене, вашиот квалитет и работа ја надминува реалната рамка на државата. Она што заеднички го правиме е над сите очекувања. Потврда за тоа е видеото во кое ги гледаме најголемите инвестиции на ФФМ во изминатиот период. Штип, Велес. Охрид, Чаир, Битола, Чепчиште, Скопје.

Уште еднаш благодарност до сите вас што ја прифаќате основната улога и функција на фудбалот. Да не зближува. Нас луѓето и нациите.

ПретходноЛеброн за Јокиќ: Тој е еден од најдобрите во историјата!
СледноЧаби Алонсо: Играме со Рома, одлично….(ВИДЕО)