Норвешката полиција објави дека е поднесено обвинение против Ѓерт Ингебригцен, татко и поранешен тренер на олимпискиот победник на 1500 метри Јакоб Ингебригцен, кој е обвинет за семејно насилство.
Јакоб Ингебригцен и неговите други двајца браќа спортисти, Хенрик и Филип, кренаа голема прашина минатиот октомври обвинувајќи го нивниот татко за злоупотреба.
„Пораснавме со многу агресивен и авторитарен татко, кој не воспита користејќи физичко насилство и закани“, изјавиле браќата во интервју за еден норвешки весник.
По тој напис, полицијата покрена истрага што доведе до обвинение против Ѓерт Ингебригцен за злоупотреба на член на семејството. Според пишувањата на медиумите, станува збор за настан во кој не бил вмешан ниту еден од тројцата спортисти, туку четвртиот, помладиот брат.
Ѓерт Ингебригцен, кој ги тренираше своите синови до Олимписките игри во Токио во 2021 година, од самиот почеток ги негираше сите обвинувања.