Екипата на МКК Куманово од наредната натпреварувачка сезона ќе биде дел од Првата лига.
Во вториот натпревар кој се покажа и решавачки во полуфиналната серија од разигрувањето за пополнување на Првата лига, кумановци уште еднаш беа подобри од скопски Ангели.
Тимот кој го предводи тренерот Марин Докузовски со сигурни 71:56 дојде до максимални (2-0) и ја затвори полуфиналната серија.
Воедно, со тоа се избори за место во финалето, но стана и првиот патник во друштвото на најдобрите.
Утре вечер, од 20 часот, во салата „Наум Наумовски-Борче“ се игра вториот меч од другата полуфинална серија во која се среќаваат екипите на Маџари и на Шкупи. Гостите имаат (1-0) во серијата, и доколку слават на овој натпревар ќе бидат противник во финалето на МКК Куманово, и нови прволигаши.