Иако свеченото отворање е во петок, Олимписките игри почнуваат денеска. Традиционално, програмата ја отвораат екипните спортови, фудбалот и рагбито.
На Игрите рагби се игра во варијанта со седум играчи во тим. Во Париз ќе настапат вкупно 288 рагбисти, а титулите ги бранат Фиџи во машка и Нов Зеланд во женска конкуренција.
Рагби 7 во машка конкуренција ветува интензивни битки од самиот старт, а веќе на првиот ден од турнирот на терен ќе бидат сите тројца освојувачи на медали од Токио.
Одбраната на титулата на Фиџи и нападот на третото злато по ред започнува против Уругвајците. Сребрените од Токио, Новозеланѓаните, првиот ден играат против Јапонија, а бронзените од претходните Игри, Аргентинците, се среќаваат со Самоа.
Французите ги предводи големата рагби ѕвезда Антоан Дипон и покажаа дека не се само учесници како домаќини, победувајќи во големото финале на рагби серијата 7. На стартот на турнирот играат против селекцијата на САД.