Македонската женска ракометна репрезентација со победа против Србија тргна на „Трофеј Македонија“. На клупата на нашиот најдобар национален тим дебитираше новиот селектор, Игор Марковиќ, кој потенцира дека ги чека многу работа за да го добијат посакуваниот изглед пред стартот на Европското првенство.
Ива Младеновска која постигна пет гола истакна дека победата против Србија е само мотив повеќе. Што се однесува до новиот селектор и новиот систем вели дека се уште се прилагодуваат, но истиот верува дека ќе донесе позитивни промени.
„Мислам дека ова е многу добар почеток за нас и момент што ни дава добра мотивација за понатаму. Имаме нов селектор, се уште се прилагодуваме, сите работи ни се нови, но мислам дека со овој нов систем можеме да направиме многу успех. Имаме квалитет, отсекогаш сме имале квалитет, треба да веруваме во себе и со работа може да постигнеме многу. Очекуваме добри натпревари со Црна Гора и со Хрватска, но и Србија има квалитет, покажавме дека можеме да играме со секого. Имаме добра конкуренција на овој турнир, но мислам дека нема некоја преголема разлика меѓу сите екипи“, изјави Ива Младеновска.
Македонија денеска го игра вториот натпревар, за противник ја има селекцијата на Црна Гора, мечот е закажан со почеток во 17:30 часот во СЦ „Билјанини Извори“, влезот е слободен.










