Една очајна четвртина им пресуди на кошаркарите на Пелистер во третиот настап во новата сезона на АБА 2 лигата. Вечерва во Битола, „зелено-белите“ го пречекаа српски Џокер и на крајот загубија со 77:81.
Пелистер одигра одлично прво полувреме во кое се чинеше дека ги има коците во свои раце. Избраниците на Петровиќ ја добија првата четвртина со 20:17, а во вториот период одиграа егал со што предноста од три поени ја задржаа и заминаа на пауза.
Сепак, како и многупати досега, третата четвртина се покажа како кобна за битолчани. Џокер влезе во вториот дел фуриозно и успеа да направи голема разлика од 9 поени, која подоцна се покажа дека е тешко достижна за домашните.
Пелистер се трудеше во последните 10 минути да го врати мечот во егал, но Џокер успеваше да одржи минимална предност од 3-4 поени.
Ова е втор пораз за Пелистер во досегашните три кола, додека Џокер има 100% ефект.
Едвардс со 18 и Мишковиќ со 16 поени беа најефикасни кај Пелистер.