Ајдин Олгун и неговите „закани“, кога не оди сите му се виновни!

1081

Шкупи е во многу лоша серија на порази и клубот се повеќе и повеќе заостанува на табелата зад ривалите за највисок пласман. На „Чаир“ одамна нема шампионска атмосфера и „сино-белите“, веќе трета сезона се „шлепаат“ на онаа титула од пред три години, по која менаџментот на клубот не успеа добро да изменаџира со екипата, па така работите тргнаа во надолна линија. Лани „чаирчани“ не ни изборија место на евро-сцената. Турскиот газда Ајдин Олгун кога резултатите цветаа, кога беа прваци најавуваше проекти, спонзори, објекти, но од сето тоа нема ништо и по три години.  Се менуваат тренери како на филмска лента, исто е и играчите, а посебно со странците…

И наместо да се бара вината во сопствените редови, во неуспешното менаџирање со клубот и лошите потези, Ајдин Олгун повторно со закани, со најави за заминување и со обвинувања. Порази нанижа од Воска (3:1), Гостивар (0:1) и еве сега од Вардар (3:2), но го немаше претходно да се огласи, па еве сега пред и по дуелот со „црвено-црните“ се јавува со прогнози, со заговори и шпекулации, кои не се ништо повеќе од чаршиски муабети и клеветења за купување мир восопствената куќа.

Ајдин Олгун Пекер можеби не памети добро, но јавноста и медиумите добро знаат која беше неговата формула на успехот од пред три сезони кога беше прв. Сега такви нарачки не минуваат и ете веднаш сомнеж дека ако не тој – другите ги користат!

Пораката за ваквите газди кои многу зборуваат, а малку прават е дека доколку не им е убаво тука, може слободно да си заминат и да си ја бараат среќата таму каде што нивната филозофија поминува. Зад него стојат обвиненија во матичната земја за малверзации во фудбалот, како и за уништување на фудбалски бренд како Челик Зеница во Босна и Херцеговина. Третата приказната е ФК Шкупи, но тука нема да му помине. Тоа е приказна за мали деца. Обвинува, меша политика, а тој прв и единствен од фудбалските клубови имаше прием од новиот министер за спорт. Само неколку месеци откако претходно со некоја друга партија од минатата власт ги направи фудбалските чекори во Македонија.

Или толку многу го боли поразот од Вардар? Спорен е голот за 3:2, но последната одлука е на судиите, контролорите и судиските тела, кои по мечот дале позитивни оценки со висок интензитет за арбитражата на дуелот Вардар – Шкупи.

И што е сега Ајдин Олгун!? Газда, сопственик, тренер или пак судиски експерт!? Во ништо добро не му оди барем оваа сезона. Останува само да видиме кога и како ќе се повлече од Шкупи!? Барем така најави…

ПретходноРепрезентацијата го одржа првиот тренинг пред двомечот со Летонија и Фарски О. (ФОТО)
СледноИако е на меч до рекорд: Напаѓачот на Шкупи не е повикан за мечот со Македонија