“Расадник” може да биде новиот дом на РК Вардар

287

Една од легендарните спортски сали во Скопје, поточно култниот Расадник целосно ќе биде реконструиран и обновен. Она што со години е веќе руина и објект оставен да пропаѓа, од сега веќе ќе биде новиот проект на Владата на Република Македонија со кој што ќе се врати стариот сјај на истиот.

Денеска Премиерот на Република Македонија, господинот Христијан Мицкоски го посети објектот, заедно со министерот за Спорт, Борко Ристовски и во живо се увери во состојбата на салата која што своевремено беше дом на многу клубови од Скопје од секакви спортови, и од прва рака што се вели се запозна со плановите за нејзината реконструкција.

„Од денеска почнува да се реновира нешто коешто со децении е оставено да пропаѓа со времето. Се реконструира, добива еден нов современ, модерен лик, којшто ќе биде дом на многу спортски клубови. Еве слушнавме и од градоначалникот, дека можно е ракометниот клуб „Вардар“ да се пресели овде и ова да биде, официјален дом на ракометниот клуб „Вардар“. Она што јас можам да го кажам како претседател на Владата е дека ќе продолжиме да инвестираме. Капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции за нас претставува прв приоритет. Нема да застанеме тука, во периодот којшто следи очекувајте уште многу инвестиции, во сите општини на целата територија на државата. На почетокот од следната година имаме нов повик за општините да аплицираат со нови проекти, проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на граѓаните. Ќе се бориме со многу работа со многу труд, со многу енергија, против сите оние коишто сакаат да не влечат назад во минатото. Тоа е она коешто го очекуваат граѓаните од нас како Влада, а јас како прв човек на Владата ќе продолжам да работам во таа насока. Сакам да изразам голема благодарност што тука денеска заедно со градоначалникот и со министерот за спорт се и граѓаните коишто можат да посведочат на еден почеток на работа, на реконструкција на овој спортски храм, којшто наскоро денеска треба да биде. Тие се сведоци на сите ветувања во минатото коишто за жал не биле исполнети. Да аплаудирам на посветената работа и на министерот и на градоначалникот. Едниот во Министерството за спорт, другиот тука во општината. На советниците, коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, администрацијата, пратениците и сите добронамерници, бидејќи навистина можеме со дела да покажуваме колку си ја сакаме татковината и јас мислам дека тоа е вистинскиот начин како треба да се однесуваме како луѓе коишто во одреден период во својот живот во политиката имаат можност да остават трајни вредности. Уште еднаш посакувам успешна работа. Честитам на отпочнатиот проект и уште многу вакви проекти да ни се случуваат“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски пред медиумите.

ПретходноКаланоски е следниот кој си замина од Брера
СледноЈувентус му ги понудил Даглас Луис и Фаџоли на Манчестер Ј.