Уште двајца македонски претставници во АБА2-лига денеска ќе го завршат својот настап. Уште пред комплетирање на групната фаза беше јасно дека ниту еден тим нема да направи чекор напред кон можно враќање во јадранската екипа.
Најголеми амбиции имаше актуелниот македонски првак, кој ја промаши сезоната во ова натпреварување, а истата ќе ја заврши против Цедевита Јуниор, дуелот се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот, влезот е слободен.
Два часа подоцна во Битола, Пелистер ќе го пречека тимот на Подгорица, исто во дуел без резултатско значење за конечниот пласман, но важен за тимот на Александар Петровиќ за достојно збогум. Дуелот е закажан со почеток во 20 часот.
„Можеби немаме шанси за следната фаза, но сакаме да славиме на тој натпревар и да го искористиме за уште подобри да влеземе во следните предизвици што се пред нас во борбата за трофеите во домашното првенство“, истакнува Александар Костоски.