Коментар на 21.коло: Толку од Струга ТЛ, Шкендија маршира кон титулата!

685

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Изминатиот викенд се одиграа мечевите од 21.коло или претпоследно од вториот круг во тековната сезона во ПМФЛ. Во среда се играат сите средби од 22.коло за да по завршувањето на тие натпревари, со помош на “Бергер системот“, се дознае и целиот распоред до крајот на овој шампионат. Сепак, за тоа потоа.

Ние да се осврнеме на од она што се случуваше изминатиот викенд, на она што беше најинтересно и на она што го одбележа ова коло.

Најпрво секако за битката за титулата.

Веднаш како прво ако се знае нешто дефинитивно, тогаш тоа е дека шампионот нема веќе што да бара во таа битка. „Шок терапијата“ со поставување на Илчо Ѓорѓиоски за нов тренер не успеа. Струга ТЛ беше убедливо поразена во Кратово, па така сега на 12 кола до крајот има дури -14 бодови во однос на лидерот Шкендија. Во превод тоа значи дека на овие 12 меча тетовци треба да загубат на пет меча, а Струга ТЛ да победува за дојде до претумбации. Тука се и Силекс, Работнички и Гостивар. Струга ТЛ ги губи шансите и за излез во Европа преку првенството, а како играат стружани тешко дека и преку Купот нешто ќе ќарат. Навистина никој ни во сон некаде на почетокот на оваа сезона не можеше да помисли дека само по 20-21 кола, шамионот ќе се прости од круната.

Од друга страна Шкендија маршира кон титулата, петта во својата историја, прва по онаа од 2021 година. Тренерот Јетон Беќири поучен од она што му се случи лани, кога Шкендија ја загуби титулата дома, пред своите фанови, во претпоследното коло, нема сигурно да се опушти се додека и математички работата не биде готова.

Шкендија има +5 бода пред Силекс и Работнички, +6 пред Гостивар и како што веќе рековме +14 бода пред Струга ТЛ. Сега се е во рацете, поточно, нозете на играчите и тренерот на Шкендија, сега тие се прашуваат.

Покрај Шкендија оваа пролет „три од три“ има и Шкупи. Иако хендикепиран со фактот дека не можеше да доведе нови играчи во зимскиот преоден рок, тимот од Чаир си гази и со постоечките сили што ги има на располагање.

Работнички може да жали што не искористи барем дел шансите и што не го победи Гостивар. Четата на Станиќ беше подобра, одигра квалитетно, но реализацијата затаи овојпат.

Во битката за опстанок изненадува, позитивно, тимот на Воска. Се прогнозираше дека овој тим, кој беше пред распад зимоска, повеќе од сигурно е дека ќе заврши последен и ќе испадне, но охриѓани не се даваат. На три средби освоени се шест бода и кога беа поразени од Работнички одиграа квалитетно. Затоа Тиквеш никако не може да искочи од “калта“, само еден бод на трите пролетни меча.

Вардар не успеа да ја победи Беса. Тимот на Седлоски имаше шанси, но сепак на крајот мораше да се задоволи само со бод. Ќе мора уште напор од вардарци за да и дефинитивно побегнат од опасната зона.

ПретходноСимеонe: Ова ќе биде спектакл за Мадрид, за Шпанија и за целиот свет
СледноДон Карло: Нема да го менувам стилот и менталитетот на Реал само поради Атлетико!