Актуелниот шампион во Мото ГП, Хорхе Мартин ја напушти болницата во Доха една недела откако беше примен поради повреди на градниот кош здобиени за време на Големата награда на Катар.
Возачот на Априлија ќе го продолжи лекувањето во главниот град на Катар, под лекарски надзор и дури кога состојбата ќе биде задоволителна ќе биде префрлен во Европа. Закрепнувањето од повредите какви што ги претрпе шпанскиот мотоциклист трае околу три месеци, но лекарите кои се грижат за Мартин во моментов не даваат прогнози за тоа кога тој би можел да биде подготвен да се врати на патеката.
Шпанецот при пад на патеката Лусаил се здоби со 11 скршеници на ребрата, што доведе до пневматоторакс, поради што остана во болница. Мартин ќе биде заменет на претстојното шпанско ГП со тест возачот на Априлија, Лоренцо Савадори.