Зоран Чоко Бошковски и се е кажано. Човекот со кој започна македонската фудбалска репрезентативна “приказна“. Зарем некој ќе го заборави датумот 13 октомври 1993 година и првиот меч на Македонија во Крањ со Словенија, и тој прв, историски гол за нашата репрезентација, кога победивме со 4:1. Тоа останува за навек, за паметење. Се додека во оваа држава се игра фудбал, репрезентативен, Чоко ќе има место во фудбалската историја.
Весел, еуфоричен, секогаш го даваше максимумот, а специфична беше радоста по сите оние голови за Македонија. Секогаш расположен, голем емотивец, кој го даваше своето срце за Македонија. Онаа фраза…-ќе го оставме срцето на терен…, тоа важи за него.
„Како вчера да беше. Не можам да сфатам дека минаа речиси 32 години од тој натпревар во Крањ. Секако дека сум горд на тој гол, на таа победа, на фактот дека бев дел од една супер генерација, на силна репрезентација. Тој меч, таа победа и тој прв гол вечно ќе се паметат. Реков, горд сум што ете јас бев тој стрелец на првиот гол за Македонија. Тогаш како млада држава, имаше многу емоции, и не само спортски. Знаевме дека сме дел од почеток на нешто големо. Верувавме дека можеме и до пласман на ЕП или СП, ама околностите беа такви. Штета за нас и за сите што бевме дел од таа генерација. Во тие први квалификации се паднавме во група со Данска, Белгија, Шпанија, Кипар и Ерменија. Потешко не можеше, ама пак ќе кажам ако Панчев не добиеше црвен картон со Данска на 1:0 за нас, можеби некои работи ќе беа поинакви. Којзнае.“.

БРИСЕЛ И ТОЈ ГОЛ ЗА 1:1 ВО МЕЧ СО МНОГУ “ПОЛИТИКА“
Чоко ќе биде запаметен и по оној гол во Брисел, на гостувањето кај Белгија во 1994 година кога, во меч од квалификациите за ЕП 1996 година, постигна гол за 1:1, за единственото реми на Македонија на досегашните соочувања со Белгија.
“Познато е се што се случуваше во пресрет на тој меч. Многу тензии, многу “политика“, некој сакаше, а се знае кој, на нас Македонците да ни го одземе правото да бидеме тоа што сме. Вечно ќе се сеќавам на таа вечер во Брисел кога на трибините на стадионот на Андерлехт имаше илјадници Македонци со многу знамиња. Игравме и за нив, игравме за цела Македонија. Бевме екстра мотивирани. Знамето или химната, па може, па не може. На крајот се интонираше химната, но не ни беше дозволено знамето, сепак на трибините имаше стотина и повеќе македонски знамиња. Таа вечер не се заборава. Тогаш сите бевме херои, сите ние како репрезентативци, селекторот Дончевски, но најголеми херои беа Македонците кои таа вечер дојдоа во Брисел да ја бодрат својата МАКЕДОНСКА фудбалска репрезентација. Тие 1:1 и тоа како силно одекнаа во светот на фудбалот“ се сеќава Чоко Бошковски.
НЕ БЕШЕ СРЕЌА, ПОЧУВСТВУВАВ ДЕКА ПРУДОМ ЌЕ КИКСНЕ
Белгија поведе со 1:0 во првото полувреме, за да токму Чоко во 50.минута искористи еден кикс на славниот голман Прудом и го постигна, по оној во Крањ, вториот негов најславен гол во кариерата.
“Белгија како Белгија. Имаше фантастичен тим, тоа беше веднаш после СП во САД кога оваа репрезентација навистина одигра одлично. Од друга страна и ние имавме квалитетна селекција, која можеше да се носи со секој противник. За тој гол што да кажам? Некои велат дека било чиста среќа, но не беше баш така. Откако беше нафрлена таа топка почуствував дека Прудом ќе киксне, тоа во себе го имаат само врвните голгетери, и ете успеав да ја затресам мрежата на домашната селекција за еуфорија кај сите нас во репрезентативниот тим, а најмногу кај фановите на трибините“ се присетува Чоко.

СО ДРЕСОТ ОД КРАЊ ЈА БОДРЕШЕ МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021
„Нашата генерација не успеа да се пласира на ЕП или СП, но затоа во 2021 игравме на Европско, секако дека бев среќен и горд што сум Македонец. Секако дека бев во Букурешт и со дресот од Крањ ја бодрев Македонија. Убави времиња, посакувам одново Македонија во блиска иднина да биде дел од нешто големо. Јас сум тука секогаш за Македонија“.
МОЖЕМЕ ДА ЈА ИЗНЕНАДИМЕ БЕЛГИЈА
Вечерва нашата репрезентација повторно се среќава со Белгија. Што очекува Чоко од овој меч?
“Искрено Белгија е фаворит, тука не треба да се трошат зборови, но оваа Белгија не е онаа што беше од пред неколку години. Имаат смена на генерации, а од она што го гледам во последно време ми изгледа некако недефинирано. Верувам дека избраниците на селекторот Милевски ќе изнајдат сили и дека ќе успеат да дојдат до добар резултат за нас. Секако дека тука улога треба да одигра и поддршката од трибините и со малку еуфорија се е можно. Им посакувам среќа, им посакувам да одиграат добар нарпревар и секако добар резултат“.
–Интервјуто со Зоран Бошковски Чоко е преземено од прилогот на Фудбалската федерација на Македонија за мечот со Белгија










