Koшаркарот на Феникс, Кевин Дурент, премина во Хјустон Рокетс преку размена – трејд во кој учествуваат рекордни седум клуба од Американската професионална кошаркарска лига (НБА).
Како што беше објавено пред две недели, НБА лигата денеска официјално ја одобри оваа трејд-размена. Освен Хјустон и Феникс, во размената учествуваат и Атланта, Минесота, Голден Стејт, Бруклин и Лос Анџелес Лејкерс.
Во трејдот се вклучени вкупно 13 кошаркари, а најзначаен трансфер е токму преминот на Дурент од Феникс во Хјустон. Хјустон за возврат ќе ги испрати Џејлен Грин и Дилон Брукс во Феникс, а во Хјустон ќе пристигне Клинт Капела од Атланта.
Ова е рекордна размена во која учествуваат седум клубови. Досегашниот рекорд беше размена со шест клубови минатото лето, кога Клеј Томпсон премина во Далас. Во таа размена учествуваа и неговиот поранешен клуб Голден Стејт, како и Шарлот, Минесота, Филаделфија и Денвер.
Дурент минатата сезона во просек постигнуваше 26,6 поени по натпревар. Во текот на кариерата има просек од 27,2 поени и 7 скокови по меч.
Тој освои две шампионски титули со Голден Стејт во 2017 и 2018 година, двапати беше прогласен за најкорисен играч (MVP) во финалето на НБА, еднаш беше МВП на лигата, еден е од осумте играчи кои имаат постигнато над 30.000 поени во НБА и 15 пати учествувал на Ол-стар натпреварите.
Минатото лето во Париз стана најдобар стрелец во историјата на американската олимписка репрезентација и прв играч што освоил четири златни медали.
„Добредојде во Хјустон,“ му порачаа вечерва Рокетс на Дурент преку социјалните мрежи.
No introduction necessary.
🏆 2x NBA Champion
🥇 NBA MVP
💫 15x NBA All-Star
🏅 2x NBA Finals MVP
🏅 4x Olympic Gold MedalistWelcome to Houston, Kevin Durant! 🚀 pic.twitter.com/BSiZIXOXf7
— Houston Rockets (@HoustonRockets) July 6, 2025










