Вардар успеа со победа да ја стартува новата сезона во ПМФЛ откако вечерва на Арената во Скопје со 4:1 го победи Пелистер во 81. “Дерби на Македонија“. И веднаш да кажеме дека со два прекрасни гола блескаше Димитар Данев. Младинскиот репрезентативец одигра маестрално, блескаше во дресот на Вардар. Гол за Вардар постигнаа и Мато и Кастањеда, а Булатовиќ стрелаше за Пелистер.
Убав фудбал, убава атмосфера, на Националната Арената “Тодор Проески“ во Скопје и добра посета за наши услови.
Голема борба, но исто така и крајно коректно однесување на актерите на теренот.
Дербито почна со многу тактика, надмудрување на двајцата стратези Седлоски и Капинковски, а првата закана ја имаше Фустин по нафрлувањето на Закариќ. Пелистер врати со нафрлувањето на Швајц Ристовски, но Талески беше на своето место. Омерагиќ и Данев имаа свои шанса за водство на Вардар, но ништо од гол.
Пелистер во последната фаза од првиот дел имаа две големи шанси преку Ристиќ, зицер и шут на Ивановски.
Сепак на пауза се замина со водство на Вардар откако во 45+3.минута Данев постигна убав гол за 1:0, се гледа дека младиот офанзивец на Вардар и тоа како има потенцијал во себе. Да споменеме дека и Омерагиќ убаво му асистираше.
Во второто полувреме Вардар беше подобар, имаше неколку добри акции, а Мато во 50.минута стрелаше за 2:0, прекрасен гол на офанзивецот на Вардар.
И кога се чинеше дека домашниот состав мирно ќе го продолжи ова дерби, гостите намалија на 2:1 со голот на Булатовиќ во 65.минута по што битката одново се разгоре.
Пелистер тргна поенергично, сакаше уште еден гол, но Вардар знаеше како да ги исконтролира работите на теренот во своја корист.
Во 76.минута Седлоски направи две измени, Најдовски и Кастањада влегоа во игра со цел да се зацврсти и освежи дефанзивата и средниот ред.
И тогаш во 80.минута Данев уште еднаш покажа дека е мајсториште, маестрален гол за 3:1 за Вардар. Ете затоа Вардар ова лето го донесе во своите редови.
Но тоа не беше крај, Кастењеда во 90.минута стрелаше за ефектни 4:1.















