Пишува: Зоран Ѓоршоски
*Пласман во плеј-офот во ЛК и прва македонска екипа со европска пролет
*Заработени 6 милиони евра од настапите во Европа, засега
*Шест победи во Европа сезонава, засега
*Дигање на македонскиот клупски рејтинг
*Шампион на Македонија по петти пат
*Јетон Беќири е првиот наш тренер кој со наша екипа обезбедил европска пролет
И дефинитивно 2025 година ќе биде запаметена како година на блескава, ЕВРОПСКА Шкендија. Клубот од Тетово испиша историја, се прослави себеси, но и го прослави македонскиот клупски фудбал. Шкендија е првата наша екипа која ја мина групната или по ново лигашка фаза во едно европско натпреварување и си обезбеди европска пролет.
Но, да тргнеме по ред.
Шкендија е основана во 1979 година. Во самостојна Македонија влегуваше и излегуваше од елитата, ама кога во 2010 влезе за последен пат влезе веднаш стана по првпат шампион на Македонија. Од тогаш па наваму, посебно од 2013 година летото, кога “Еколог“ ја презеде Шкендија, тетовските “црвено – црни“ или сами, или заедно со Вардар се на врвот на мак – фудбалот во многу аспекти
.
Шкендија е најстабилен наш клуб, пред се финансиски, има најголем буџет, досега трипати играше во плеј – офот во Лигата на Европа, ама ова лето и есен „експлодира“. Прво во мај ја освои својата петта титулата а во квалификациите прво го мина ТНС (Велс) а потоа со две победи и некогашниот европски првак Стеауа (Романија). И со тоа си обезбеди пласман во лигашката фаза во ЛК, досега тоа само на Вардар му успеало.
Но Шкендија го надмина и Вардар. Во лигашката фаза против силни противници, Рајо Ваљекано, Шелбурн, Јагелонија, Дрита, Слован Братислава и АЕК Ларнака, освои седум бодови, доволно за пласман во плеј – офот каде ќе ги одмери силите во тоа 1/16 финале против Лех Познањ или Самсунспор, што значи дека има реални шанси да оди и во 1/8 финалето.
Со тоа Шкендија и тоа како го подигна македонскиот клупски рејтинг.
Шкендија за ова досега од УЕФА заработи за наши услови неверојатни 6 милиони евра.Тука не ги сметаме парите од ТВ правата како и од трансферите кои секако дека ќе ги има.
Ова е доказ дека кога се има визија, кога се вложува во фудбалот, кога имаш цел и сакаш да дојдеш до таа цел, се е можно и дека фудбалот знае да ти врати кога – тогаш.
За крај, а можеби требаше на почетокот, и за тренерот Јетон Беќири. И дефинитивно Јетон се промовира како еден од нашите најдобри стратези пред кого е блескава иднина. Тој е единствениот наш тренер кој со наша екипа обезбедил европска пролет.
Јасно е дека Јетон Беќири за ова што го направи во изминатите месеци ќе биде запишан со златни букви во историјата на Шкендија.
Да, Шкендија покажа како треба.
Затоа големо БРАВО за ЕВРОПСКА Шкендија!










