На десетина дена од стартот на пролетниот дел од ВМФЛ сезоната, екипата на Победа од Прилеп сеуште нема започнато со тренинзи. Не е означен старт на зимските подготовски, иако тоа во нормални услови требало да се случи пред три недели, а како што стојат работите во моментов во Прилеп такво нешто нема ниту да се случи.
Прво и основно затоа што не е назначен нов шеф на стручен штаб откако бившиот, Филип Мирчески си поднесе оставка. За управа, директор или пак сопственик кој што ќе даде било каква информација и да не зборуваме….
Во моментов Победа од Прилеп е оставена сама на себе…. Како дојде до ова?
Пред извесно време во Прилеп се појавија нови сопственици, во името на Јана Мицковска – Попоски како претседател, и беше избран нов управен одбор од осум члена. Во него влегоа, Небојша Стојковиќ, Владимир Мирчески, Сашко Попоски, д-р Весна Неделковска, Димитар Трајков, Горан Зечевиќ и Александар Крстески.
Како што во тие моменти беше најавено, Јана Мицкоска Попоски новата претседателка на клубот е сестра на новиот сопственик Александар Мицковски, човек кој што долго време живеел и работел во Соединетите Американски Држави и кој што најави нови поубави денови за прилепскиот фудбалски гигант.
Од тоа, Победа од Прилеп не виде ама буквално ништо. Односно грешка, пардон. Виде уште поголеми долгови, распаднат клуб, едвај изборен второлигашки статус, и во моментов, неизвесна иднина….ништо повеќе.
Кој е виновникот за сето ова? Па нормално оние кои што го преземаа клубот, ветија се и сешто, а оставија пустош. Нив како што велат прилепчани во градот ги нема со месеци, години, а Победа е оставена да живее самата со себе. И со оние кои што ете така, премногу се врзани за неа, за да остават клубот и потполно да изумре.
Тоа не смее да се дозволи…. Победа премногу пропати во овие деценија, две за да го истрпи и ова. Суспензии, казни, најнизок ранг, фузии, преименувања, за да ете во 2026 година повторно да се случува катаклизма на клубот!?

Убаво кажа во новогодишното обраќање во јавноста претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ. Има во иднина сериозно да се постават стандарди кој, на каков начин и со кои цели купува, превзема фудбалски клуб во Македонија. Зошто ние немаме десетици екс шампиони и учесници во Европските купови своевремено, за да ги „трошиме“ на секакви, „Американци“, „Турци“ и којзнае какви белосветски „мешетари“. Ние ги имаме многу малку, и нив треба да ги чуваме како суво злато.
Зошто Победа Прилеп на својот град, и на Македонија и има дадено многу. Од титули, успеси, до репрезентативци, легенди на мак фудбалот. Да не зборуваме за навивачите, „Мајмуните“… оние кои што и во оваа ситуација, купуваа билети на секој натпревар по 400, 500, затоа што си го сакаат својот клуб.
Сопственици на Победа….. превземете веднаш нешто за да на клубот не му се случи најлошото. Вратете акции, закажете седница на управен одбор, закажете собрание на клубот, најдете решение според статутот. И доста со тие „приказни“ да помогне овој да помогне оној…. клубот има сопственик и тој е одговорен.
Зошто за Победа Прилеп не е „пет до дванаесет“… туку полноќ одамна помина….










