Александар Чеферин во официјална посета на ФФМ: Потврда за силното партнерство и поддршката за македонскиот фудбал

102

На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на ФФМ.

Посетата претставува уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА, како на институционално, така и на лично ниво. Македонската „Куќа на фудбалот“ е високо ценета во рамки на европското фудбалско семејство, а присуството на Александар Чеферин дополнително ја нагласува поддршката за развојните процеси во македонскиот фудбал.

Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА.

Во рамки на посетата, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ќе оствари средба на највисоко ниво со претставници на Владата на Република Македонија, со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, по што следува и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.

Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти, до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.

Александар Чеферин важи за голем пријател на македонскиот фудбал, а неговата посета е јасна потврда за заложбите на ФФМ и претседателот Омерагиќ во континуираниот развој и афирмација на фудбалот во земјата.

Дополнително, посетата се очекува да придонесе за продлабочување на соработката преку нови конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот на сите нивоа.

ПретходноСмилковски: Пак ќе кажам, убаво е да си ТФТ! Тафта треба да биде горда на нас!
СледноМакедонија денеска ќе дознае против кого ќе игра на Европското првенство