Милан Стојаноски не чекаше многу откако доби отказ од ФК Пелистер, за да добие нов ангажман. Звучи по малку чудно, ама Стојаноски е нов шеф на стручниот штаб на женскиот тим на Партизан од Белград. Како што и самиот клуб ЖФК Партизан објави на своите социјални мрежи, Стојаноски ја прифатил понудата и сега ќе го води женскиот тим на „црно – белите“.
Милан Стојаноски (52) е некогашен репрезентативец на Македонија, некогашен член на тимот на Партизан кој пред две децении играше во Лигата на Шампионите а како тренер има работено во Телеоптик, ИМТ Белград. Во Битола дојде на 8 октомври минатата година. Од него сите во Пелистер очекуваа многу, посебно фановите на клубот како и јавноста во Македонија, но искрено не се прослави премногу. Од него Пелистер се раздели на 23 март. Го остави тимот во зоната на испаѓање, а на негово место дојде Марјан Секуловски кој на првите два меча како старо – нов тренер на Пелистер, освои 4 бода и тоа против Шкендија и Вардар.
Да се надеваме дека Стојаноски ќе има повеќе среќа и успех во водењето на женскиот тим на Партизан.










