Куп на Македонија: Вардар го победи Алкалоид и си закажа финале со ГРК Охрид!

318

Во недела во Струмица, во големото финале во Купот на Македонија, за пехарот ќе се борат Вардар и ГРК Охрид. Во второто полуфинале, Вардар ја оправда улогата на фаворит и славеше против Алкалоид со 33:28.

Веднаш да споменеме дека Алкалоид беше осетно хендикепиран со неиграњето на Марко Митев и Ѓорѓиев поради повреда.

Голема борба во салата во Струмица, сепак како што веќе рековме Вардар на крајот заслужено се радуваше на ново финале во Купот на Македонија, но Алкалоид и тоа како беше тврд орев.

Тимот на Кирил Лазаров одлично го отвори полуфинале. Ненад Костески донесе 1:0, ама беше и 3:1. Вардарци во овие почетни минути се мачеа да израмнат и тоа дојде во 9.минута кога беше 5:5. Да кажеме дека во 6.минута вардарецот Урош Митровиќ доби црвен картон и мораше да го напушти теренот, а истото му се случи и на неговиот соиграч Милан Лазаревски кој “поцрвене“ во 58.минута.

Вардар по тие 5:5 се разигра на крилјата на Јака Малус кој првиот дел го заврши со 6 голови од 9 обиди.

Беше 5:6, ама Алкалоид врати на 7:6. И од тој момент по тие 7:8, четата на стратегот Иван Чупиќ не го испушти водството. Во 19.минута Вардар имаше +3 (9:12), за да на крајот на првиот дел беше 16:18. Со тој резултат се замина на пауза. Од таборот на Алкалоид мора да се споменат Николов и Борзаш со по четири голови, а во финишот “летаа искри“.

Второто полувреме Вардар го започна со гол на Воркапиќ за +3, а со голот на Малус и за +4 (16:20). Алкалоид од петни жили се обидуваше да се “врати“ резултатски во “игра“, но тешко одеше. Тие +4 Вардар умешно ги чуваше. Се играше максимално борбено на двете страни, а во таквата игра Вардар како подобро да се снаоѓаше. А Малус во 35.минута зголеми и на +5, па и на +6 (17:23) со уште еден гол на Јака Малус.

Како што одминуваше времето Вардар ја зголемуваше својата предност, во 45.минута таа изнесуваше +10 (19:29). И покрај таа разлика, младиот состав на Алкалоид и натаму се бореше и тоа како, успеа да намали на 22:30. На крајот резултатот гласеше 33:28 за Вардар.

Кај победничкиот тим блескаше Малус со 9 голови, шест од шест имаше Тузолана, Валах заврши со 10 одбрани. Кај Алкалоид Дамјан Митев со 6 голови беше најефикасен.

ПретходноИма договор: Ханси Флик во Барселона до 2028!
СледноДамјан Митев: Првото полувреме бевме одлични, потоа ни падна ритамот!