Женската фудбалска репрезентација забележа уште еден убедлив пораз во соочувањето со Унгарија. Овој пат на гостувањето во Фелчут, Унгарките славеа со 7:0.
Серијата голови ја отвори Софија Мајер во 21. минута. На десет минути пред крајот на првото полувреме Мила Панева ја погоди сопствената мрежа за предност на противничките од 2:0. За жал во продолжението од натпреварот Унгарките доминираа на теренот и во второто полувреме пет ја затресоа нашата мрежа.
По две минути игра во вториот дел, Емеке Папаи зголеми на 3:0, а во 51. Мајер повторно се запиша во листата на стрелците и Унгарија поведе со 4:0. Во 63. домашната селекција не успеа да реализира удар од 11 метри и тоа преку Жанет Кајан. Сепак пет минути подоцна Кајан беше попрецизна и на Унгарија и носи предност од 5:0.
Во финишот од натпреварот Унгарките постигнаа уште два гола. Во 85-тата, Ванеса Наѓи зголеми на 6:0, а конечните 7:0 ги постави Чила Савања која во третата минута од судиското надополнување реализираше удар од белата точка.
Во вториот натпревар од нашата група, Азербејџан ја совлада Андора со 2:0 и се зацврсти на втората позиција на табелата. Во пресрет на последните две кола, Унгарија води со 10 бода, еден повеќе од Азербејџан. Трета е Македонија со три бода додека последна е Андора со еден. Во претпоследното коло на петти јуни, Македонија и гостува на Андора, а четири дена подоцна во Битола ја пречекуваме селекцијата на Азербејџан.










