Денеска во Скопје и официјално стартуваат натпреварите на Светското училишно првенство во ракомет. Македонија ќе ја претставуваат женската кадетска и машката кадетска репрезентација.
Кадетите предводени од селекторот, Горан Кузманоски првенството го отвораат против Бугарија, натпреварот се игра во салата „Македoнско Сонце“ со почеток во 10:30 часот. Покрај оваа селекција, Македонија ќе игра против Грузија, Република Српска и Садуиска Арабија.
Кузманоски кој со своите момци пред неколку дена се врати од Медитеранските Игри ги сподели своите очекувања.
„Голема благодарност до организаторот што се одржува едно вакво првенство во Македонија. Морам да напоменам дека спорт број еден во Македонија е ракометот. Ќе ми биде чест да бидам селектор на ова големо првенство и на репрезентацијата. За нас ќе значи многу бидејќи пред неколку дена дојдовме од Медитеранските Игри каде го осовивме петтото место.
Ова Светското училишно првенство ќе биде голем плус за воигрување пред настапот на Европското првенство, иако има мали измени и се игра двапати по 25 минути со 14 играчи во составот без измени. Имаме неколку повредени играчи, но сепак имаме ростер. Ќе настапиме во најдобро светло на ова првенство, знам дека амбициите и очекувањата на јавноста се да завршиме на најдобро место, но сепак не смееме да потецениме ниту една држава, ниту едно училиште, не знаеме со каков состав ќе дојдат. Имаме најави дека дел од државите ќе настапат со репрезентации. Грузија ќе дојде со ракометната Академија, добро е познато дека оваа земја бележи голем напредок. Саудиска Арабија има свои стил на игра, сигурно доаѓа со амбиции да запише голем успех. Морам да напоменам дека не смееме да ја потцениме Бугарија која на Медитеранските игри се покажа во одлично светло, Република Српска исто така е квалитетен противник. Мораме да бидеме максимално сконцентрирани да заборавиме на заморот од Медитеранските Игри каде имавме напорно темпо, се надевам за добар успех. Пред да зборувам за пласман би сакал да потенцирам дека ова првенство ќе биде добредојдено за создавање на пријателство помеѓу учниците“, изјави Кузманоски.
Нашите кадетки пак на стартот ќе се сретнат со Белгија, мечот се игра во салата „Крсте Мисирков“ во Ченто со почеток во 10:30 часот. Во групата Ц се уште и селекциите на Грузија и Словачка.










