Македонија уште денеска може да го добие новиот одбојкарски шампион. Вечерва во штипската сала „Јордан Мијалков“, одбојкарите на Штип УГД ја имаат првата сет-меч топка од финалната плеј-оф пресметка со екипата на Борец и доколку ја искористат, ќе успеат да испишат историски успех.
Штипјани по неколкугодишното стабилизирање на тимот и полека раст на формата, годинава успеаја да го освојат Купот на ОФМ, а сега добија шанса и да дојдат до долгоочекуваниот шампионски пехар во домашното првенство. ГОК Борец исто така од година в година има напредок, но во првите два финални дуели не успеа да најде решение за мотивираните одбојкари на тренерот Кристиан Ристески. Штипјани со голем елан влегуваат во вечерашниот трет финален меч.
„Спремни сме во секој поглед и со нетрпение го очекуваме натпреварот. Поискусни сме од се она што ни се случуваше во минатото, па така, оваа шанса нема да дозволиме да ја испуштиме. Очекувам полна сала во Штип, атмосфера за паметење како што доликува на еден финален натпревар“, изјави тренерот на Штип УГД.
Третиот финален меч започнува од 19 часот.










