Тетовци нека спремаат “шпалир“: Вардар е на чекор до титулата!

336

Денеска со мечот во Тетово, меѓу Шкендија и Башкими 2:3, се затвори 29.коло. И по ова коло некои работи, во битката за титулата се многу појасни. Вардар и дефинитивно е на чекор до титулата, до својата 12-та ѕвездичка во самостојна Македонија или 13-та во клупската историја.

И дефинитивно Шкендија денеска под Шара сама се закопа по поразот од Башкими. За разлика од тетовци, скопските “црвено – црни“ вчера го демолираа Тиквеш со 7:0 и сега имаат 71 бод а Шкендија остана на тие 67.

Познато е дека до крајот остануваат уште четири кола, па јасно е дека ако се биде во ред, ако и двете екипи не направат кикс, тогаш тој последен меч од 33.коло во Скопје, кога играат меѓусебе, нема да има никакво резултатско значење. Тогаш Вардар може да игра и со младинци, сеедно ќе му биде зошто би ја освоил титулата во 32.коло во Струга.

Значи Шкендија уште сега нека спрема шампионски „шпалир“ со кој ќе му ја честитаат титулата на својот голем ривал и тоа на негов терен, што секако дека ќе биде болно за нив, ама самите си се виновни. По таа победа над Вардар на  гости, на три меча дома освоија само еден бод од можни девет.

За разлика од нив тимот на Гоце Седлоски немаше такви киксови, иако не блескаше, сепак и не си дозволуваше таков луксуз дома да губи од тимови кои се борат за опстанок.

Да, можни се изненадувања и сензации и во следните четири кола, но сега Вардар е на потег, и тоа како.

Кога сме кај распоредот до крајот еве кој со кого игра во последните четири кола:

ВАРДАР-71 БОДОВИ: Башкими (гости), Силекс (дома), Струга ТЛ (гости), Шкендија (дома).

ШКЕНДИЈА-67 БОДОВИ: Силекс (гости), Струга ТЛ (дома), Брера (дома), Вардар (гости).

ПретходноСкандал на трибините на веганскиот клуб Форест Грин: Избркале гостински навивач затоа што имал сендвич со сланина?!
СледноГевгелија – местото каде кошарката носи љубов, среќа и магија (ФОТО)