Утре, 29 април (среда), со почеток од 20:30 часот, во СЦ „26 Април“ во Гевгелија ќе се одигра финалето од Купот на Македонија во футсал, каде за трофејот ќе се борат КМФ Кеги Моби од Велес и КМФ Проект од Валандово.
Патот до финалето беше различен за двете екипи. КМФ Кеги Моби дојде до финалето по неизвесни натпревари. Во осминафиналето го победи Шкупи со 4-3, во четвртфиналето беше подобар од Бутел со 8-6, а во полуфиналето по 4-4 против Јувентус Серава, победи на пенали со 5-4.
КМФ Проект имаше поубедлив настап. Во осминафиналето славеше против Кратово со 7-2, во четвртфиналето го победи Осогово со 7-4, а во полуфиналето убедливо го совлада Клими Кавадарци со 11-0.
Капитенот на КМФ Кеги Моби, Трајче Трајков, е јасен во пресрет на финалето.
„Нашата цел е победа и освојување на Куп пехарот. Знаеме дека нема да биде воопшто лесно, но ова е финале и ќе се бориме 40 минути за победа. Двапати загубивме од КМГ Проект во првенството, тие имаат млади и квалитетни играчи, но верувам дека нашето искуство ќе дојде до израз. Очекувам да одиграме паметно и на крајот да се радуваме на пехарот.“
Тренерот на КМФ Проект, Игор Димов, со внимателен оптимизам го најави финалето.
„Не се гледаме како фаворити, бидејќи Кеги е навистина квалитетна и искусна екипа. Нашите меѓусебни натпревари оваа сезона покажаа дека разликите се мали – и тие две победи не беа воопшто лесни. Очекувам цврст и борбен натпревар, во кој ќе одлучуваат детали. Ние сме оптимисти, атмосферата во тимот е одлична и постои голема желба за успех. Работевме добро во изминатиот период и подготвени го дочекуваме финалето. Дополнително, важно е што немаме повредени играчи и ќе можеме да сметаме на комплетен состав. Верувам дека ако одиграме дисциплинирано и паметно, ќе имаме свои шанси да стигнеме до посакуваниот трофеј.“
Тренерот на КМФ Кеги Моби, Панче Нанев, со почит кон противникот и оптимизам го најави финалето.
„Финалето е предизвик за секоја екипа. Работевме напорно во текот на целата сезона и задоволни сме од второто место во првенството. За нас би било голема работа доколку успееме да го освоиме Куп пехарот. Противникот е одлична екипа, млади, уиграни и веќе двапати се сретнавме сезонава. Но, ова е еден натпревар и се може да се случи. Секако дека сме оптимисти и веруваме во нашите можности.“
Утре во 20:30 часот во Гевгелија ќе се бара наследникот на Форца, тимот кој минатата година го освои Купот на Македонија во футсал.










