Синоќа во СЦ „Јане Сандански“ беше испишана историја. За првпат една селекција во екипен спорт успеа да освои златен медал на светско ниво. Нашите кадети се победници на Светското училишно првенство во ракомет, одиграа одличен шампионат и со шест победи во исто толку одиграни натпревари се искачија на тронот.
Селекторот, Горан Кузманоски и неговите момци потврдија на дело дека се генерација која ветува. Предводникот на нашиот национален тим има право да биде задоволен од она што го прикажаа ракометарите на терен.
„Очекувавме да освоиме злато, но треба да се знае дека одигравме 12 натпревари во 15 дена, затоа што претхоно се играше Медитеранското првенство. Имавме и болни играчи, повреди…и се виде малку заморот дека не стигна на крајот на финалето. Генерално сум задоволен, затоа што и претходно кажав дека ова е златна генерација. Иако ни фалат шест-седум играчи, имаме широк ростер од 25 играчи и заслужено донесовме злато во ракометот на репрезентативно ниво. Благодарност до РФМ што ни даде одлични услови, ни даде поддршка да играме турнири и пријателски натпревари. Сите мои момци си ја сфатија сериозно работата и заслужија да освојат злато. Ова злато ќе ни значи многу за самодовербата пред ЕП каде што сме во најтешката група со Словенија, Шведска и Франција. Ќе одиме со самодоверба и без предавање, па плус со оние останати играчи што ќе ни се приклучат, ќе имаме време да се подготвиме и се надевам на добар пласман“, изјави Кузманоски.










