Натпреварувачка комисија при ФФМ: Покрената дисциплинска постапка против ФК Тиквеш

402

Денеска стандардно како и при секое завршување на редовно коло во домашниот фудбалски шампионат, заседаваше натпреварувачката комисија при ФФМ, на која беа донесени неколку одлуки по важни настани изминатиот викенд.

Покрената е дисциплинска постапка против ФК Тиквеш, поради однесувањето на домашната публика на дуелот против Арсими, употреба на пиротехнички средства, како и истакнување на банер со навредлива содржина.

Од друга страна, поради неспортско однесување на Имран фетаи, играчот на Шкендија, по дуелот со Силекс во Кратово, оштетил дел од инвентарот во службените простории на стадионот во Кратово, при што морало да интервенира и полицијата. Тренерот пак на Шкендија, Јетон Беќири со навредливи зборови се обратил кон полицијата, што исто така стои во записникот.

Одлуките од седницата на натпреварувачката комисија ви ги пренесуваме во целост.

Комисијата за натпреварување при ФФМ, на седницата одржана на ден 04.05.2026 година, покрена дисциплински мерки по настаните од натпреварите во 30. коло од Првата МФЛ, сезона 2025/26.

На натпреварот помеѓу ФК Тиквеш 1930 и ФК Аресими 1973, одигран на 3 мај 2026 година во Кавадарци, било констатирано сериозно прекршување од страна на домашната публика. Навивачката група „Лозари“ употребила пиротехника, при што 38 пати биле фрлани пиротехнички средства на теренот. И покрај двете предупредувања преку разгласот, инцидентите продолжиле. Дополнително, бил истакнат и провокативен банер со навредлива содржина кон ФФМ, кој бил отстранет по интервенција преку спикерот. Поради овие случувања, против клубот е покрената дисциплинска постапка и случајот е предаден на Дисциплинската комисија на ФФМ.

На вториот натпревар, меѓу ФК Силекс АД Кратово – ФК Шкендија АД Тетово, одигран на 1 мај 2026 година во Кратово, инцидентите се случиле по завршувањето на натпреварот.  Фудбалерот на гостинскиот тим ФК Шкендија, Имран Фетаи, оштетил врата од службените простории, удирајќи ја со нога. За настанот е направен и полициски записник и е земена изјава од играчот.

Дополнително, шефот на стручниот штаб на ФК Шкендија, Јетон Беќири, се однесувал некоректно кон припадниците на МВР, упатувајќи вербални навреди во службените простории.

Согласно горенаведеното Комисијата за натпреварување на ФФМ, покрена дисциплинска постапка против фудбалерот на ФК Шкендија, Имран Фетаи и против шефот на стручен штаб на Јетон Беќири и истите се предаваат на Дисциплинска Комисија на ФФМ.

Воедно, ФК Шкендија е задолжена во рок од 15 дена од одигрување на натпреварот, да постигне договор со ФК Силекс за надомест на причинетата штета и писмено да ја извести Комисијата за натпревари на ФФМ за регулирањето на обврската.

ПретходноМладите шахисти од ШК АЛКАЛОИД и ШК МУЛТИ ЕСЕНС успешно настапија на државните првенства во шах
СледноИзабела Цепак доби пасош на Македонија: Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме