Си беше еднаш еден Работнички…

372
ФОТО:.facebook.com/fcrabotnicki/

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчерашниот ден, 10 мај 2026 година, засекогаш ќе биде запаметен како најцрн ден во историјата на ФК Работнички. За “Херојот од Дебар Маало“, за клубот кој некогаш важеше за клуб со кој цела Македонија се гордееше, за клуб кој пред една – две децении беше фактор бр.1 во мак – фудбалот.

Вчера Работнички за првпат во својата историја испадна од елитата. По цели 28 сезони, од како влезе во ПМФЛ во таа 1998/99 сезона, еве вчера за првпат “успеа“ да испадне, официјално. Иако има да се одиграат уште две кола, но тоа е тоа…

Навистина штета, голема штета, не само заради самиот Работнички, туку и поради мак – фудбалот. Погледнете го само списокот на репрезентативци на Македонија во последните 7-8 години и ќе видите дека на него се повеќе од половина играчи кои играле или се “деца“ на Работнички.

Четири шампионски титули во ПМФЛ и исто толку пехари во Купот и уште пласман во три куп – финалиња.

Да не говориме дека во 2006 година играше плеј – офот со Лил за пласман во ЛШ, потоа уште двапати играше плеј-офот во ЛЕ со Лацио и Рубин Казан.

Во Скопје во тие “златни“ времиња Работнички ги донесе и Ливерпул, Лацио, Локомотив Москва, ги елиминираше Трабзонспор, Анортозис, Дебрецин, едноставно клуб за гордост. На 60 европски мечеви дури 21 победа.

Работнички важел и за “фраерски“ клуб, дали тоа беше под водство на семејството Костовски или под водство на Драган Поповски. Замислете во 2007 година, претпоследно коло на гости доаѓа Победа. На Работнички му е доволен и бод за да ја официјализира својата трета титула во низа, имаше водство од 1:0, но прилепчани славеа со 1:2 на крајот и во последното коло ја освоија титулата. И никому ништо, немаше “тепачки“, немаше “плачење“ по судиите, немаше ништо од тоа што сега го прават други клубови. Мирно и достоинствено се призна поразот со ветување дека следната сезона ќе “газат“. Така и беше, следната сезона двојна круна, едноставно сите беа буквално ЗГАЗЕНИ.

Уште еден пример. Во 2018 година последно коло доаѓа Шкупи на гости, на Работнички и бод му е доволен за излез во Европа, но чаирчани со гол во 90+5.минута славеа победа и Работнички остана со “празни“ раце, и никому ништо. Немаше врескање по судиите…

Тоа е манир на голем клуб, како што некогаш беше Работнички.

Но, се сменија времињата. Дојдоа некои нови газди, нови раководства кои грешеа и само грешеа во проценките и одлуките како да се води култниот клуб од Дебар Маало. За нивните грешки не е доволно само еден текст на „СпортСпорт“, туку треба роман да се напише од илјада страни. Минатата сезона во зимскиот преоден рок место да се купат 2-3 играчи, тие ги продадоа најдобрите и место титула едвај пласман во Европа. А по завршување на сезоната првиот шок беше изборот на тренерот, па на вториот, па на третиот за да на крај дојде Муарем Муарем кој не успеа да избори опстанок со тимот кој што не личи на еден Работнички, туку по малку на еден друг скопски клуб кој исто така испадна оваа сезона. Фаталната грешка беше направена уште во јуни и јули,а тоа убаво се виде по срамниот настап во Европа.

Јасно е дека и со финансиите беше проблем, но тоа е веќе некоја друга приказна.

Работнички можеше со право да се пофали дека никогаш, ама баш никогаш не испаднал. И покрај тоа што не беше општинско, градско или државно “милениче“, Работнички и само Работнички откако влезе не испадна, до сега. Вардар, Шкендија, Победа, Пелистер, Силекс, Слога Ј или Шкупи, да не говориме за Брегалница, Тиквеш, Македонија ЃП и останатите кои имаат најмалку по две сезони во ВМФЛ во самостојна Македонија.

Не е срамота да се испадне во Втора лига, па тоа му се случувало и на еден Вардар, да не говориме за Јувентус и други големи европски клубови. Боли начинот на кој што се случи. Во оваа лига, во ваква конкуренција да не може еден Работнички да избори опстанок, тоа е за жалење. Навистина за жалење.

И, сега кој е виновен? Кој е виновникот на колапсот на еден некогашен гигант во Македонија?

Па, нема дилеми. Тоа е спонзорот и раководството на клубот од Градски парк. Не дека пред да дојдат тие во последните неколку години беше идеално во клубот, но некои работи се знаеја, се работеше домаќински, знаеше да се предвидува, се знаеше да се продадат играчи и за близу милион евра, како Давид Тошевски во Ростов, а него го бараше еден Лил и луѓето на клубот од Градски парк беа на “линија“ и имаа барем десетина “видео – разговори“ со еден Луис Кампос, сегашниот спортски директор на ПСЖ, кој ги убедуваше Тошевски да го пуштат во Лил.

Ете, таа е таа разлика. Само овој податок нека послужи каков клуб бил некогаш тој Работнички, а каков е сега.

Па затоа…

СИ БЕШЕ ЕДНАШ ЕДЕН РАБОТНИЧКИ.

Клуб кој сега ќе тавори во Втора Лига.

Тоа е тоа!!!

За ова мора некој да одговара што еден таков фудбалски бренд е уништен.

ПретходноРеакцијата на Луис Енрике на победата на Барселона против Реал е хит (ВИДЕО)
СледноМурињо демантира дека преговара со Реал: Се се тоа само шпекулации