Чудото се вика Маџари, го урнаа ТФТ за финале

50

Кошаркарите на Маџари се изненадувачки прв патник во големото финале на плеј-офот во домашното кошаркарско првенство, откако вечерва во вториот полуфинален дуел против ТФТ славеа со 71:69 и со 2:0 ја добија полуфиналната серија. Избраниците на тренерот Миодраг Тодоровиќ и вечерва пред домашна публика покажаа дека имаат одличен тим, кој во дебитантската сезона во елитата успеа да направи сензација и влез во битката за титулата.

Маџари уште во првиот период покажа дека сериозно ја сфати задачата за место во финалето. Домашните го добија првиот период со 29:24, за до крајот на полувремето гостите да ја стабилизираат игра и на одмор да заминат со предност од еден поен, 38:39.

Во второто полувреме драмата продолжи. Маџари успеваше да го одржи мечот во егал, па и по 30 минути игра ниту едне од тимовите немаше предност (55:55). Одлуката се чекаше да падне во последните 10 минути, кои понудија неверојатно драматична завршница. Маџари во последната минута влегоа со три поени предност 68:65, а бркотницата по теренот не внесе во драматичен финиш со многу слободни фрлања.

Откако изгледаше дека Маџари оди кон сигурна победа, следуваше шок за домашните. Ташовски во на неполни две секунди до крајот изнуди три слободни фрлања при водство на Маџари (71:69). Но најдобриот кошаркар на ТФТ не успеа да реализира ниту едно од слободните фрлања, по што Маџари ја почна големата прослава на пласманот во финалето.

Луис со 24 и Армстронг со 18 поени беа најефикасни во одличниот Маџари, додека кај ТФТ „трагичарот“ Ташовски постигна 24 поени, а Гордон заврши со 13.

ПретходноПоранешна фудбалерка стана прв спортски директор на Бундеслигаш