Македонската ракометна репрезентација денеска со чартер-лет заминува за Прешов каде утре (19 часот) против Словачка го игра првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство 2027 година кое ќе се одржи во Германија.
На списокот на селекторот, Кирил Лазаров за овој двомеч се најде Васил Гогов. Вардаровиот чувар на мрежата со своите добри партии го заслужи повикот во националниот тим. Тој ќе ги чека првите минути на теренот во дресот на Македонија.
„За првпат сум на скратениот список на сениорската репрезентација и тоа за мене е огромна чест и задоволство. Да се биде дел од овој тим, да се тренира со најдобрите и да се добие шанса да се претставува Македонија во бараж за Светско првенство е нешто посебно. Се надевам дека ќе избориме пласман и ќе настапиме и на самото Светско првенство.
Овие денови работиме напорно и максимално се подготвуваме. Ја имаме фаворитската улога, но Словачка, како и секој противник, заслужува респект. Не смееме да потцениме никого. Одиме во Прешов да го дадеме максимумот и на терен да покажеме зошто сме фаворити“, ни изјави Васил Гогов.
Македонија реванш мечот го игра на 17 мај во СЦ „Борис Трајковски“, а сите во тимот се надеваат дека ќе имаат максимална поддршка од трибините.
„Знаеме дека ја имаме најдобрата публика. Македонија живее за ракомет и веруваме дека трибините ќе бидат исполнети. Наша обврска е да возвратиме со најдобрата игра и на крајот заедно да се радуваме на нов пласман на Светско првенство“, изјави Гогов.










