Новиот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ денеска, во хотелот „Континентал“ во Скопје, го имаше првиот собир со репрезентативките во подготовките за Европската лига 2026.
Сите повикани на поширокиот список се појавија на првата прозивка во Скопје и ќе добијат шанса во следните неколку дена да се покажат и докажат пред новиот селектор и неговиот стручен штаб, пред да се направи првиот „пресек“ на списокот.
„Ова е за мене нов почеток, со перспективни девојки и мислам дека со заедничка работа, труд и дисциплина, и најважно комуникација може да направиме нешто што долги години го нема во женската одбојка во Македонија. Им благодарам на сите што позитивно одговорија на повикот, им посакувам среќа и се што ќе барам од нив е да дадат се од себе. Искрено би сакал да ги имаме мажите како пример, кои во изминативе неколку години имаат одлични резултати и тие треба да ни претставуваат мотивација, а зошто и да не го надминеме нивниот успех. Нема да биде воопшто лесно, но со работа и дисциплина се надевам дека за одреден период ќе успееме да го направиме тоа. Ги следев девојките и нивните клупски настапи од декември наваму и на прв поглед делуваат сите одлично расположени и како едвај да чекаат да почнат со работа. Денеска ќе имаме еден полесен тренинг за да се запознаеме малку подобро, нема да бидеме комплетни – одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј ќе добијат уште малку простор за одмор, а потоа започнуваме со нормално темпо на работа“, вели новиот селектор на женскиот национален тим на Македонија, Милош Гавриловиќ.
Стручниот штаб на Милош Гавриловиќ ќе го сочинуваат Бранка Каленикова (тренер на Газели Волеј) како асистент тренер, Романецот Рареш Стелиан Стоика како кондиционен тренер, Анета Банкова ќе биде нов статистичар, додека лекарскиот тим останува непроменет – доктор на репрезентацијата е Љупчо Петровски, а физио Стефан Јовановски.










