Познати се термините за финалето во битката за титулата

30
ФОТО:mkd.basketball/

Со цел обезбедување на регуларност на натпреварувањето, еднаквост на условите за сите учесници одредени се и термините за одигрување на финалната фаза од „МТЕЛ“ Супер лигата,

Финалната серија на плеј-офот ќе се игра според принципот „подобар во пет натпревари“ (2-2-1), со предност на домашен терен за екипата која има подобар ранкинг (место на табелата во регуларниот дел од сезоната).

Натпреварите од финалната серија помеѓу екипите на „МЗТ Скопје Аеродром“ и „Маџари“ и натпреварите за третото место помеѓу екипите на „ТФТ“ и „Пелистер“ во „МТЕЛ“ Супер лигата – мажи започнуваат овој викенд, на 17.мај (недела).

Со цел обезбедување целосна правна сигурност, еднообразна примена на прописите и доследно толкување на системот на разигрување (плеј-оф),информираме за официјалниот став на комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија:

Согласно член 5 од Правилникот за натпреварување на КФМ, сите натпревари под надлежност на федерацијата се играат според официјалните кошаркарски правила на Меѓународната кошаркарска федерација – ФИБА.

Дополнително, согласно член 4.1 од Пропозициите за натпреварување за сезона 2025/2026, натпреварувањата се одвиваат според регулативите на ФИБА и важечките акти на КФМ.

Врз основа на горенаведеното, како и врз официјалните принципи на ФИБА за системи на натпреварување, се утврдува следното толкување:

1. Неменливост на првичното рангирање

Рангирањето на екипите пред почетокот на елиминациската фаза се утврдува врз основа на пласманот остварен во регуларниот дел од натпреварувањето. Така утврдениот пласман претставува единствена и трајна основа за определување на натпреварувачките парови и предноста на домашен терен до самиот крај на разигрувањето.

2. Принцип на фиксен систем на разигрување (Bracket System)

Во официјалните системи на ФИБА се применува однапред утврдена натпреварувачка шема (костур). Победникот од одреден натпреварувачки пар продолжува во следната фаза согласно својата позиција во системот, но притоа не го презема пласманот, статусот на носител или предноста на елиминираниот противник.

Следствено, евентуалната победа на пониско рангирана екипа над повисоко рангиран противник не претставува правен основ за преземање на неговата позиција во однос на предноста на домашен терен во наредната фаза.

3. Предност на домашен терен

Предноста на домашен терен во секоја наредна фаза, вклучително и во финалната серија, му припаѓа исклучиво на клубот со подобар првичен пласман во соодветниот натпреварувачки пар. Овој принцип е содржан во регулативите на ФИБА, каде што децидно е наведено:

The higher ranked team in each match-up will have home court advantage”

(Подобро рангираниот тим во секој натпреварувачки пар има предност на домашен терен).

Секоја екипа во завршната фаза настапува со сопствениот ранг стекнат во регуларниот дел од сезоната. Предноста на домашен терен во финалето му припаѓа на подобро рангираниот клуб согласно првично утврдениот пласман, независно од тоа кој противник бил елиминиран во претходната фаза.

Во отсуство на изречна одредба за повторно рангирање (re-seeding), не постои правна основа за пренесување на предноста од една на друга екипа.

Кошаркарската федерација на Македонија останува доследна на принципите на правна сигурност, спортска праведност и целосно вреднување на постигнатите резултати.

МТЕЛ СУПЕР ЛИГА – ПЛЕЈ-ОФ – ФИНАЛЕ

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

ПРВ НАТПРЕВАР – 17.МАЈ (НЕДЕЛА):

МЗТ Скопје Аеродром – Маџари

ВТОР НАТПРЕВАР – 20.МАЈ (СРЕДА):

МЗТ Скопје Аеродром – Маџари

ТРЕТ НАТПРЕВАР – 23.МАЈ (САБОТА):

Маџари – МЗТ Скопје Аеродром

ДОКОЛУ БИДЕ ПОТРЕБНО

ЧЕТВРТТИ НАТПРЕВАР – 27.МАЈ (СРЕДА):

Маџари – МЗТ Скопје Аеродром

ПЕТТИ НАТПРЕВАР – 30.МАЈ (САБОТА):

МЗТ Скопје Аеродром – Маџари

 

ПретходноСтојанов ќе им суди на Струга ТЛ и Вардар, Величков “главен“ под Шара!
СледноЈовановски и Илиевски во стручниот штаб на Ангеловски во селекцијата на Таџикистан!