Тимот на Вардар е освојувач на титулата во годинешниот ПМФЛ шампионат. „Црвено – црните“ ја освоија својата 12 титула во самостојна Македонија, а тринаесетта ако ја броиме и онаа освоена во некогашна Југославија.
Вчера на гостувањето во Струга, Вардар и официјално ја освои титулата, која што за многумина е прва во кариерата.
Вардар сезонава имаше колоритен состав. Од прекалени македонски интернационалци кои што се вратија во клубот, преку искусни прволигашки имиња, па се до надежни младинци кои поникнале во вардаровата школа. Секако, тука се и странците кои што дел ги оправдаа очекувањата, и беа вистинско засилувања, а дел сепак, останаа со симболична минутажа.
Еден од оние кои што дефинитивно остава сериозен белег во дресот на Вардар е хрватскиот интернационалец, Мислав Матиќ.
Стоперот пристигна тихо, без многу помпа, дури и по малку подценет од јавноста, за да прерасне во столб на одбраната без кого Гоце Седлоски не можеше да го замисли тимот.
„Навистина е неопосливо чувството да се биде шампион со Вардар. Ова е моја прва титула во кариерата. Дали сум среќен? Па како да не сум среќен кога одкако сум дел од Вардар освоив и Куп и првенство. Тоа само покажува колкава е големината на Вардар како клуб. Не само во Македонија, туку и надвор од неа“ – вели Мислав Матиќ за Спортспорт, па додава во еден здив.

„Кога пристигнував во Вардар, ситуацијата не беше сјајна. Мислев дека ќе биде тешко и мора да признаам дека не беше лесно. Но, со ваков тим, со ваков стручен штаб и раководни структури, нештата во Вардар рапидно се подобрија, и за кусо време колку што сум тука, година и пол, освоени се два трофеја“ – вели Матиќ.
„Ни преостанува уште тој дуел со Шкендија, во кој и покрај тоа што сме шампиони, ќе влеземе максимално. Пред се поради нашата верна публика. А потоа, одмор, па максимална подготовка за она што следува. Уште едно добро претставување на Вардар во Европа, сепак, не е мала работа да бидеш дел од квалификациите за Лигата на Шампионите. Вардар веќе играл групна фаза од едно европско натпреварување, зошто тоа да не се случи и овојпат“ – вели Мислав Матиќ, најдобриот дефанзивец во ПМФЛ шампионатот сезонава несомнено.















