Кумановци: Сакаме победа за нашите навивачи и потврда на успешниот опстанок

30

На стадионот во Гостивар денес ќе се одигра натпреварот меѓу Башкими и Македонија Ѓорче Петров, во рамките на 32-рото, односно претпоследно коло од домашниот фудбалски шампионат. Иако кумановци веќе го осигураа опстанокот во елитата и го избегнаа баражот, тоа не значи дека нема да го дадат максимумот за да го зголемат бодовното салдо, особено против тимот на Македонија ЃП, кој веќе е сигурен патник во Втората лига.

Адис Мурати смета дека оваа средба ќе биде одлична можност и за фудбалерите со помала минутажа да го покажат својот квалитет и да потврдат дека се иднината на клубот.

„На прв поглед ова е натпревар без резултатско значење, бидејќи Македонија ЃП веќе испадна, а Башкими го осигура опстанокот и го избегна баражот. Сепак, ние им должиме на нашите навивачи – сакаме да победиме на овој натпревар и на најдобар можен спортски начин да докажеме дека, иако ова ни беше прва сезона, излеговме со чист образ и покрај многуте пречки. Башкими и Куманово заслужуваат да бидат дел од Првата лига и мораме да продолжиме по тој пат. Се надевам дека на овој меч нашиот тренер ќе им даде шанса и на помладите, талентирани играчи кои немаа многу минутажа досега, бидејќи тие се иднината на нашиот тим“, изјави Мурати.

Во досегашните 14 меѓусебни пресметки на овие две екипи, Македонија ЃП има остварено седум победи, Башкими се радувал на четири триумфи, додека три средби завршиле без победник. Вреди да се напомене дека дури две од овие четири победи за Башкими се остварени токму во тековната натпреварувачка сезона.

ПретходноСлот: Проблемот не е во мене, туку во тоа што сме разочарани од резултатот
СледноРоналд Араухо размислува да ја напушти Барселона