Во спортска, во фудбалска Македонија и тоа како “врие“. Познато е што се случуваше на шампионската прослава на Вардар, каде што се пееја скандалозни песни, посебно онаа за нашата поп – икона Каролина Гочева. По сиот тој настан откако цела јавност “зовре“, место да се извини, првиот човек на Вардар, Миленко Неделковски покажа каква личност е и упати уште една скандалозна навреда кон друга жена.
По ова јавноста во Македонија едноставно беше вџашена од постапките на Неделковски. Социјалните мрежи зовреа, се бара одговорност и казна за Неделковски, а се огласија и Министерството за спорт и ФФМ.
Се огласија и речисите политички партии со свој став, а интересна е онаа реакција на партијата на власт – ЗНАМ, чие соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Реакција на Движење ЗНАМ во врска со јавната навреда на Миленко Неделковски врз Потпретседателката на Собранието на Република Македонија и Потпретседателка на ЗНАМ, Весна Бендевска, како и на естрадната уметничка Каролина Гочева.
Во име на Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, и од име на раководството и членовите на Движењето, упатуваме искрени честитки до фудбалерите, стручниот штаб и верните навивачи на ФК Вардар за освоената шампионска титула.
ФК Вардар е повеќе од клуб, тој е национална гордост, институција и докажан спортски бренд кој со децении ја обединува македонската јавност и претставува симбол на главниот град.
За жал, оваа голема радост за сите вљубеници во спортот е длабоко засенета од срамниот и недостоен испад на поединец кој, за несреќа, е поврзан со раководството на клубот.
Сакаме јасно да го осудиме неговиот личен промискуитет и ароганција, кои кулминираа со мизогин и сексистички напад врз г-ѓа Весна Бендевска, потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија и Потпретседател на Собранието на Република Македонија.
Ваквиот примитивен говор не е само лична срамота, туку е директен атак врз достоинството на секоја жена и труење на јавниот простор со омраза.
Тоа е однесување кое е неспоиво со вредностите на спортот, почитта и културата што треба да ги негува еден клуб од рангот на Вардар.
Раководството на клубот има итна и неодложна обврска и одговорност да го заштити угледот на клубот и веднаш да се огради од ваквите токсични поединци кои му нанесуваат непроценлива штета на името кое со децении го граделе генерации фудбалери и навивачи.
Толеранцијата кон вакви појави е она што ги охрабрува и ги нормализира во општеството.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија секогаш ќе застанува во заштита на човековите права, достоинството и еднаквоста на сите граѓани.
Со почит,
Движење ЗНАМ за Наша Македонија















