Иако шампионската титула е решена и истата и припаѓа на Вардар, сепак возбудувањата во плеј-офот продолжуваат. Второто место и натаму не е решено, а за оваа позиција се борат ГРК Охрид и Пелистер.
Токму денеска овие два тима ќе ги одмерат силите во претпоследното коло од шампионатот. ГРК Охрид е домаќин на оваа средба (19 часот) во СЦ „Билјанини Извори“.
Пелистер има 48 бода, два помалку од охриѓани, кои на последната средба славеа на гостински терен. Битолчани во Охрид доаѓаат со една цел – да се реваншираат и да се вратат на втората позиција која носи место во Европска Лига следната сезона.
„Уште две недели имаме до крајот на сезоната во кои ни следуваат многу тешки и важни натпревари. Во среда имаме борба за второ место со Пелистер. Ќе пробаме да дадеме максимум. Очекувам тежок натпревар со голем влог и за нас и за Пелистер. Се надеваме на позитивен резултат“, изјави капитенот на охридскиот состав.










