Резил, брука, скандал: Што ли сака(ше) Шкендија?!

758

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како прво честитки за фудбалерите и стручниот штаб на Силекс, за освоениот трофеј во Купот на Македонија. Апсолутно заслужено, секоја чест.

А, сега да одиме на она што синоќа се случи на Арената “Тодор Проески“ во Скопје. Само факти и ништо повеќе.

Исвиркување и не станување кога се интонира химната на твојата држава. Тоа не се простува.

Кореографија и однесување на навивачите на Шкендија, во најмала рака скандалозно. Тоа не се простува.

Одбивањето да се примат сребрените медали. Тоа не се простува.

Три работи од многуте кои ја скандализираа домашната јавност и не само фудбалска.

Сите се “наелектризиравме“ и не можеме да сфатиме зошто е тоа така. Што ли сака(ше) Шкендија?! Посебно со она полноќно соопштение, веројатно дури тогаш им текна какви се последиците и по најавата на ФФМ дека ќе има драконски казни. Веројатно сега се “перат“.

Во фудбалот, во животот има правила и норми на однесување. Ако не ги почитуваш тогаш си имаш проблем. Ова со навивачите и не стоењето на химната не е нешто ново, зошто тоа истото го направија и раководните лица на Шкендија на 16.02.2025 пред мечот со Вардар на Арената кога не станаа да искажат почит кон државата во која живеат.

Треба да се сфати една работа. Ако веќе си одлучил да играш во една лига во таа држава, ма која и да е, е тогаш мора да ги почитуваш и правилата и нормите, барем елементарно.

А Шкендија, посебно навивачите на тој клуб, вчера, но и неколку месеци наназад, тие правила и норми не ги почитуваат. Тоа не се простува.

Да не говориме за оној скандал кога се исвиркуваше таа една минута молк за жртвите во Кочани. Да не говориме за некои други скандали. Искрено и порано Шкендија, а посебно нејзините навивачи се бламираа, но ова е за секоја осуда.

Кога Шкендија направи историски успех во Европа, сите побрзавме да и честитаме. После секоја победа ФФМ се огласуваше и честиташе. Да не говориме за обичниот фудбалски народ, сите се гордеевме со Шкендија. А сега, дали да се гордееме на ова?

Не е толкав проблем да не се примат медалите, иако не знаеме зошто, туку проблемот е поголем ако се знае дека само раководството на клубот може да им нареди на играчите да не ги примат медалите. А ако “Балистите“ така наредиле, е тогаш е проблемот. Дали навивачите го водат клубот или луѓето кои се платени за тоа.

Инаку ова не е првпат во историјата на Купот на Македонија, една екипа да одбие да ги прими сребрените медали. Тоа се случи и на 24 мај 2005 година од страна на Маџари по “масакрот“ во финалето со Башкими.

А вчера Шкендијаза заслужено беше поразена. Силекс беше подобар и точка. Реално Шкендија од тој меч со Вардар на ФФМ кога победи 0:1 не игра ништо, ни 20% од она што го може. Затоа и ги загуби двете титули, а не поради судењето или други фактори. Шкендија сама си е виновна за тоа. А зошто е тоа така во некоја друга прилика.

На крај, ова ЛУДИЛО, ова не е само за Шкендија, мора да престане. Мора да фрчат казни, мора виновниците да се санкционираат и мора тие правила и норми да се почитуваат.

Ако ви се игра во мак – фудбалот, тогаш играјте, ако не ви се игра, тогаш…

ПретходноФК Вардар со повик до фановите за фер, спортско и достоинствено навивање
СледноТалески и Татабања ги чека „пекол“: Салата „Билјанини извори” – распродадена за 15 минути