ГРХ Охрид не успеа на домашен терен да дојде до нова победа против Пелистер, беше надигран во секој сегмент. Хрватот Џанфранко Прибетиќ им ја честиташе заслужената победа на битолчани, за поразот посочи дека се должи на слабата реализација во нападот, а за тоа се погрижи македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски, кој мечот го заврши со 16 одбрани.
„Пред се би сакал да им честитам на ракометарите на Пелистер за победата што ја заслужија. Мораме да се погледнеме во очи и да признаеме, заслужено загубивме, ние премногу промашивме, премногу чисти ситуации, работите не одеа онака како што посакувавме. Секако, не е крај на светот, има уште да се игра до завршувањето на сезонава“, вели Прибетиќ.
Пред ГРК Охрид е големото финале од ЕХФ Европскиот куп, таму ќе ги одмери силите со Татабања за кого настапува Филип Талески.
„Нас не чека големото финале, мораме да се кренеме по овој пораз, да останеме сите заедно и да одиме да го освоиме тој пехар. Не смееме да потонеме поради овој пораз од Пелистер, мораме да останеме со ладни глави, одиме во Унгарија да дадеме се од себе“, истакнува хрватскиот пивот во редовите на Охрид.










